Фото: Маја Јаневска Илиева / Илустрација

Кандидатот за градоначалник Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу гласови на предвремените избори во Општина Брвеница – 2.943 гласови (38,90 %). На второ место со 2.152 освоени гласови (28,45 %) е Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција (НАИ).

Ова го покажуваат последните податоци објавени од Државната изборна комисија (ДИК) заклучно со 21:27 часот, по 100 проценти обработени избирачки места во општината.

Трет по бројот на освоени гласови е Јакуп Хусеини од коалицијата ВЛЕН со 1.528 гласови (20,20 %), а по него следуваат Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ со 706 гласови (9,33 %), независниот кандидат Душан Богдановски со 55 гласови (0,73 %) и независната кандидатка Арифе Идризи со 21 глас (0,28 %).

Според податоците на ДИК, на изборите во Брвеница правото на глас го оствариле 7.565 граѓани, со што излезноста изнесува 46,56 % од вкупно 16.256 запишани избирачи. Регистрирани се и 160 неважечки ливчиња (2,12 % од гласалите).

ДИК за вечерва најави прес-конференција за објавување на првичните неофицијални резултати од денешното гласање.

Предвремените локални избори во Брвеница се одржаа откако на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски.