Фото: Игор Бансколиев

На воениот полигон Криволак вчера беа презентирани воздухопловни десантни операции, проследени со падобрански скокови и хеликоптерски и копнени активности, на припадниците на армиите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Црна
Гора, Грција, Албанија и на Македонија

Околу 4.600 припадници од вооружените сили на осум земји-членки на НАТО, веќе 11-ти ден учествуваат на воената вежба „Брз одговор 22“ на армискиот полигон Криволак.
Во рамките на вежбата се вклучени 45 воздухоплови, односно борбени и транспортни авиони и хеликоптери, а за време на вежбата е планирано да се изведат над 700 падобрански скокови.
Главна цел е да се демонстрира способноста за брзо распоредување на копнените сили на САД во Европа и во Африка, заедно со мултинационалните воздухопловно-десантни сили од Европа.
Во рамките на вежбовните активности, вчера беше реализиран денот за високи гости, при што беа презентирани воздухопловни десантни операции проследени со падобрански скокови и хеликоптерски и копнени активности на припадниците на армиите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Црна Гора, Грција, Албанија и на Република С. Македонија.
На денот за високи гости, меѓу другите, присуствуваа и шефот на државата и врховен командант на армијата, Стево Пендаровски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеници од Собранието, претставници на дипломатскиот кор, генерали во АРСМ, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на земјите-учеснички на вежбата и на НАТО и одбранбени аташеи акредитирани во земјава.
Претседателот Пендаровски ги поздрави претставниците на специјалните единици и посочи дека оваа обемна вежба ја демонстрира колективната подготвеност на НАТО и претставува исклучителна можност Македонија да ги покаже способностите и уникатните капацитети на полигонот Криволак, како современ тренинг-центар за изведување вежбовни операции според сите НАТО-стандарди.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека војниците на вежбата покажале што значат колективната подготвеност и совршената интероперабилност.

– Она што денеска го видовме и на што бевме сведоци не беше пркос и демонстрација на воена сила, туку демонстрација на нашето единство, обединетост и на нашето сојузништво – изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Таа додаде дека оваа вежба го дала одговорот на сите лажни вести и хибридни дејства, кои имаат цел нашата армија да ја прикажат како слаба, необучена и неопремена.
Заменик-командантот на Армијата на САД за Европа и Африка, Петер Ендрусијак, истакна дека во вежбата се вклучени речиси 10.000 војници од војските на НАТО-сојузниците, кои изведуваат заеднички падобрански активности и воздушни напади.
– Ова претставува пример на нашите колективни способности и доказ за цврстата посветеност на САД кон НАТО и регионалната безбедност. Тука видовме современа опрема и приказ на способностите, но она што е уште поважно е нашата меѓусебна посветеност и подготвеност да си помогнеме едни на други кога е најпотребно – рече Ендрусијак.
Вежбата „Брз одговор 22“ е досега најголема мултинационална вежба во Македонија од ваков вид и единствена од осамостојувањето на државата, во која се реализираат воздушни десанти во овој обем.