Санкциите на Вашингтон кон Софија, односно ставањето повеќе бугарски политичари на американската т.н. Црна листа, всушност, е примена на американскиот акт Магнитски од 2012 година, со кој Вашингтон глобално санкционира бизнисмени и политичари за корупција и за кршење на човековите права! Воведувањето санкции, односно формирањето црна листа, значи дека „се прогонуваат компании и поединци што се вклучени во коруптивни и криминални активности“! Овие санкции имаат цел да им ја ограничат работата на поединци и компании што се вклучени во дејства што американската администрација ги смета за коруптивни, илегални, односно незаконски и штетни!

Санкциите на САД кон Бугарија се знак за тешки недостатоци на бугарските институции

Критиките во меѓународната јавност, но и во меѓународните институции кон Бугарија за „постоење, траење и продлабочување на корупцијата“ во оваа земја се засилуваат. На пример, минатиот месец ГРЕКО, антикорупциското тело на Советот на Европа, упати тешки критики до Софија за „недостиг од политичка транспарентност во Бугарија“. Изминативе денови, пак, повеќе бугарски политичари беа ставени на Црната листа на САД (според прописите на Глобалниот закон Магнитски и според законската процедура спроведувана од страна на Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) на американското министерство за финансии и од британската влада). Во истиот контекст, во последната изјава на амбасадорката на САД во Бугарија, Херо Мустафа, се нагласува дека „во Бугарија олигарсите имаат исклучително силна контрола. Тие ја добиваат моќта преку политичарите и ја одржуваат преку економски средства за да го одржат својот имиџ чист“.

Што значат американските санкции, односно Црната листа?

Соединетите Американски Држави воведуваат санкции за поединци и фирми според законот Магнитски за прекршување на човековите права и забрануваат каков било бизнис со фирми што нелегално стекнале капитал. Воведувањето санкции од Министерството за финансии на САД значи дека сите средства на санкционираните лица лоцирани во САД се замрзнати. Исто така, блокирани се сите фирми што директно или индиректно се во нивна сопственост. Забраните вклучуваат „давање каков било придонес или обезбедување средства, стоки или услуги за овие фирми, или во корист на кое било блокирано лице или примање каков било придонес или обезбедување средства, стоки или услуги од кое било такво лице“. Воведувањето санкции значи дека компаниите и поединците вклучени во коруптивни и криминални активности се – прогонувани. Санкциите имаат цел да ја ограничат работата на поединци и компании вклучени во акции што американската администрација ги смета за корумпирани, штетни и незаконски. Но има уште една работа за која треба да се обрне внимание. А тоа е дека воведувањето вакви санкции од страна на САД, односно ставање на Црна листа, го свртува вниманието кон земјите во кои се наоѓаат овие лица и компании, и дека треба малку повеќе домицилните држави да се грижат за тоа што се прави во нивните земји.
Доколку земјите не реагираат со правни и сите други расположливи средства за сузбивање на активностите на поединците против кои се воведени санкции, тоа може постепено да влијае на односите со САД. Санкциите, всушност, се сигнал за почеток дека нешто не е во ред, дека некои луѓе се вмешани во коруптивни и незаконски активности и дека државите треба да го сфатат ова сериозно, да се погрижат да ги вклучат сите расположливи и надлежни државни органи и инструменти за да истражат и да испитаат за што се работи и да застанат на патот кон такви активности.
Како последно може исто така да се спомене дека со овој потег (санкции и црни листи), американската администрација сериозно е решена да се фокусира на Балканскиот Регион во сузбивање на илегалните активности и да им помогне на балканските земји во справување со организираниот криминал и корупцијата. Со ова Вашингтон смета дека ќе зададе дополнителен удар врз криминалната средина каде што смета и дека се инволвирани властите, а некаде и дека токму властите ја генерираат високата корупција.

Бугарските политичари се прпелкаат во намера да им се спротивстават на САД за санкциите и Црната листа

Санкциите и Црната листа кон Бугарија, исто така, се значаен показател дека дел од политичарите, дел од институциите и дел од бизнисот се крајно корумпирани и дека тоа генерира тешки недостатоци не само во бугарската држава туку и во регионот на Балканот. Според Надежда Нејнски, министерка за надворешни работи од 1997 до 2001 година, санкциите се знак за недостатоците на бугарските институции. Таа нагласи дека Црната листа исто така е одговор на ставот на актуелниот претседател на Бугарија, Румен Радев, дека „Бугарија ќе се спротивстави на дополнителни санкции кон Русија и на натамошната воена помош за Украина“. Интересен факт е што Државното обвинителство на Бугарија воопшто не се изјасни за Црната листа на САД и поради тоа сојузот Демократска Бугарија побара оставка од главниот обвинител Иван Гешев, кого го сметаат за пречка за судските реформи.
Меѓутоа, бугарските политичари што во текот на изминатите денови беа ставени на Црната листа на САД реагираа негирајќи нивна вмешаност во криминал и корупција. Меѓу санкционираните на Црната листа на САД е членот на Бугарската социјалистичка партија и министер за економија и енергетика од 2005 до 2007 година, Румен Овчаров. И тој негираше коруптивност кај себе, а негираше и какви било свои врски со Русија. Овчаров (75) е обвинет дека овозможил „корозивна зависност од руските енергетски извори“ во Бугарија. Меѓу санкционираните е уште еден член на Социјалистичката партија, поранешниот пратеник Иван Киров. Понатаму, меѓу другите означени како корумпирани од страна на САД се членот на ГЕРБ, Владислав Горанов, министер за финансии од 2017 до 2020 година во третиот кабинет на Бојко Борисов, лидерот на партијата Русофилско движење, Николај Малинов, и Александар Николов, поранешен генерален директор на единствената бугарска нуклеарна централа „Козлодуј“.
Во таа смисла, поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, застана на страна на своите сопартијци, изјавувајќи дека „длабоко верува“ во невиноста на Горанов, но исто така истакна дека од 2020 година неговата партија не е поврзана со него. Во март минатата година, за време на владата на Кирил Петков, и Борисов и Горанов беа лишени од слобода, но набргу потоа беа пуштени на слобода. Понатаму, поранешниот пратеник на БСП и поранешен издавач на левичарскиот весник „Дума“, Николај Малинов, сега лидер на движењето „Русофили“, кој на почетокот на септември 2021 година беше обвинет за шпионажа во корист на Русија, исто така е опфатен на Црната листа. – Ова значи дека одам во вистинската насока – изјави со доза гордост Малинов.
Обединетото Кралство се фокусираше на блокирање на финансиските трансфери и одбивање иден влез на поединци претходно санкционирани според Глобалниот закон Магнитски од јуни 2021 година: Ваквите мерки влијаат на поранешниот медиумски магнат и пратеник на Движењето за права и слободи, Дељан Пеевски, прогонетиот олигарх и коцкарски моќник Васил Божков (чиј бизнис беше национализиран на почетокот на 2020 година во времето на Горанов како министер за финансии) и поранешниот заменик-началник на бугарската специјална разузнавачка служба, Илко Желјазков. Тројцата не ги коментираа мерките.