Според информацијата дадена во јавноста од страна на бугарската Национална даночна агенција, Бугарија нема воведено санкции против руски граѓани или компании што се вклучени на списокот на санкции на ЕУ откако тие првпат беа воведени по анексијата на Крим во 2014 година

Бугарија не спроведува санкции спрема руски државјани и нивни компании од ЕУ-списокот за санкции од 2014 година

Севкупно, ЕУ досега санкционира 1.386 руски државјани и 171 компанија, како и физички и правни лица поврзани со нив. Минатата година Унијата замрзна повеќе од 300 милијарди евра од руските банки и 20 милијарди евра средства на руските олигарси. Дури и Унгарија, која често ги брани позициите во корист на Русија, ги замрзна руските средства во вредност од над 900 милиони евра. Бугарската Национална даночна агенција игнорира и не спроведува ЕУ-инструкции
Според последните податоци објавени од бугарските власти од 2019 година, во Бугарија речиси 300.000 Руси поседуваат над 500.000 имоти. Но бугарската Национална даночна агенција, иако јавно признава дека треба да ја примени регулативата на ЕУ за санкции, засега не го стори тоа. Додека бугарскиот правен систем предвидува само процедура за запленување на имотот, а не за нивно замрзнување, земјите од ЕУ, како што е Бугарија, мора директно да ги применуваат прописите на ЕУ за санкции, што значи дека даночните власти треба да почнат процедури за замрзнување дури и ако ниту една национална регулатива не предвидува такви постапки.
Згора на тоа, бугарската Национална даночна агенција нема издадено ниту еден акт за воведување санкции во последните осум години, според одговорите на агенцијата како дел од истрагата. Доколку во иднина воведе санкции, од бугарската Национална даночна агенција изјавија за јавноста дека нема да ги открие имињата и имотот на оние што, веројатно, се санкционирани бидејќи таквите податоци се лични и се заштитени со Општата директива за заштита на податоците на ЕУ (ГДПР).

Сигналите се дека Софија сака да ги ублажи или да ги укине санкциите кон Русија
Истражувајќи го ова прашање, истражувачкиот сајт Бирд.бг веќе откри некои од имињата на списокот со санкции на ЕУ. Тие ги вклучуваат Сергеј Чемезов, Максим Топилин, Владимир Плигин и Алексеј Чепа, кои поседуваат имоти по должината на Црно Море преку нивните роднини, објави сајтот во април минатата година.
– Не е изненадувачки што Бугарија се чини дека не применува санкции од ЕУ против поединци и компании од Руската Федерација. Очигледно е дека бугарските власти не се осмелуваат, не сакаат и немаат процедури и капацитет да ги применат санкциите. За ова се чека сигнал од највисоко политичко ниво за каква било акција, а такво нешто не само што не доаѓа во моментов туку дури и напротив – сигналите се дека бугарската влада би сакала да ги ублажи или да ги укине санкциите кон Русија – коментира Руслан Стефанов од бугарскиот Центар за проучување на демократијата (ЦСД).
– Најживописниот пример е необјаснивата желба да се преговара со „Газпром“, што се случи минатото лето, и барањето за отстапување од санкциите за рафинеријата „Лукоил Нефтохим“ во Бургас во руска сопственост.
Дерогирањето го направија и го бранеа сите бугарски влади, и покрај недостигот од основа и потреба за такво нешто – додаде тој.