Фото: Николовски/принтскрин

Мислам дека ова е многу важна дебата што ја имаме вечерва. Оваа дебата ќе го постави патот на Советот на Европа за периодот што следи. И затоа јас мислам како што е јасно напишано и тука дека солидарноста и издржливоста на европските демократии, почитувањето на човековите права, почитување на владеењето на правото се најдобри гаранции за меѓусебниот просперитет, безбедноста и сигурна иднина – рече Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во својот говор во Советот на Европа.

– Треба да го реафирмираме единството околу заедничките вредности на оваа организација каде што сме членки, како и мултилатерализмот заснован на меѓународното право. Треба да поставиме напредна агенда на Советот на Европа ставајќи го интересот на народот на прво место. Европскиот суд за човекови права е еден од клучните елементи на Советот на Европа. Тоа е место каде што стотици илјади европски граѓани бараат правда. Мора да разговараме и мора да поставиме цврста агенда која ќе создаде ефикасен механизам што ќе ги натера земјите-членки да ги спроведат одлуките и пресудите на Европскиот суд за човекови права – рече Николоски.

Тој сподели пример поврзан со Македонците и македонското национално малцинство во Бугарија.

– Во овој момент има шеснаесет пресуди или одлуки на Европскиот суд за човекови права кои не се спроведуваат во Бугарија. Шеснаесет не се спроведуваат, не една, не две туку шеснаесет пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права не се спроведуваат! Овие пресуди, овие одлуки се поврзани со правото на самоидентификација, со правото на собирање и здружување, со правото на учество на избори, со правото на учење на мајчин јазик и со правото на заштита на националниот интерес во културата. Овие одлуки се носат овде во Стразбур, Софија одбива да ги спроведе и со тоа ги лишува основните човекови права на граѓаните на Бугарија кои се декларираат како Македонци – рече Николоски.