Фото: Влада

Сметав дека треба да се понуди широко обединување на политичката сцена. Затоа понудив ВМРО-ДПМНЕ да е дел од Владата и 50 проценти од министерските места што ги има СДСМ да ги отстапи на ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека тоа е најфер, братски, за да може народот да види дека се работи за искрена намера, кажа премиерот Димитар Ковачевски во емисијата „360 степени“ на телевизија „Алсат“.

Тој смета дека средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски била успешна и дала резултати. Ковачевски во неколку наврати во гостувањето во „360 степени“ нагласи дека најголемата опозициска партија го променила ставот за уставните измени, како и оти се прифатени сите нивни барања.

– Можевме да се увериме дека по средбата, во изјава дадена за медиумите, дека ВМРО-ДПМНЕ го промени ставот и дека поддржува уставни измени кои значат вклучување на делови од народи во Преамбулата на Уставот, вклучително и на делови од бугарскиот народ – изјави Ковачевски, кој смета дека со овие одлуки ќе се овозможи Македонија да го продолжи европскиот пат.