Фото: Маја Јаневска-Илиева

Битола во последно време со право може да се спореди со Лас Вегас. Дури и најпедантните хроничари веќе не можат со точност да кажат колку коцкарници, обложувачници и казина има во Битола. Некои велат дека ги има стотина. Но речиси секој ден во градот, особено во самиот центар на Битола, никнуваат и нови казина каде што се коцкаат граѓаните

ГРАДОТ НА КОНЗУЛИТЕ СТАНУВА ГРАД НА КОЦКАТА

Пред нешто повеќе од пет години, пред почетокот на изборната кампања за локалните избори, Битола, градот на конзулите и клавирите, како што дотогаш беше познат се стекна и со признание од градот на коцката Лас Вегас во САД. И покрај тоа што никогаш не беше обелоденето во јавноста по кои критериуми и зошто Битола го доби признанието од Лас Вегас, сепак признанието на голема врата и со многу помпа беше промовирано во градот под Пелистер. Тогаш беше истакнато дека наградата ѝ ја додели Европското здружение за истражување на квалитетот, кое својата конвенција ја одржа во светски познатиот град во САД. Иако тогаш малкумина поверуваа дека Битола заслужи да добие признание во најпознатиот град во светот на коцката, Лас Вегас, сепак, денес, пет години подоцна Битола по сѐ наликува на Лас Вегас. Битола во последно време со право може да се спореди со Лас Вегас. Во моментот кога поради енергетската и економската криза најголемиот број од битолчани едноставно се прашуваат како да преживеат и да го истуркаат месецот, во Битола цутат коцката и слаткиот живот. И најпеднатните хроничари што цел ден шпартаат низ градот веќе не можат со точност да кажат колку коцкарници, обложувалници и казина има во Битола. Некои велат дека ги има стотина. Речиси секој ден во градот, особено во самиот центар на Битола, никнуваат казина каде што се коцкаат битолчани. Иако во светот, во казината, кои се главно надвор од градовите, обично одат богатите луѓе што не знаат што да им прават на парите, па одат во казината да се коцкаат и убаво да си поминат во прекрасните хотели изградени како во бајките и да уживаат во многубројните забави, музички приредби, разни шоу-програми, во коцкарниците и казината во Битола навраќаат да се коцкаат најчесто најсиромашните битолчани, кои имаат по 100 или 200 денари во џебот и кои мислат дека среќата ќе им се насмевне и дека ќе добијат некоја голема добивка да се спасат од сиромаштијата. Речиси целиот град, од самиот влез на патот од Прилеп, па сѐ до излезот за Охрид и на патот за Грција е покриен со коцкарници, обложувачници и казина. Само во центарот на Битола, на самиот Широк сокак ги има вкупно седум. Деновиве во деловниот простор каде што работеше една позната банка, од пред неколку дена е изградено ново казино. На само стотина метри растојание во самиот центар на Битола има вкупно седум казина каде што битолчани се коцкаат. Некои од казината се изградени буквално во дворовите и на самите основни училишта, а едно од казината, каде што се наоѓа и ноќниот клуб „Голд Фелиција“, го дели дворот со Славјанскиот универзитет, каде што студираат стотици студенти. Поради големиот интерес за коцкање апарати се поставени и во обложувачници.

– Ова навистина е загрижувачки. Јас не знам кој им дозволи толку многу обложувачници и казина да се отворат во Битола. Ги има буквално на секој чекор. Еден ден може да се случи да се разбудиш и да видиш дека и во твојот двор ти отвориле казино. Страв ми е за внучето. Ми кажува дека негови другарчиња на големо се коцкаат и парите што им ги давале родителите да си купат сладолед или сендвич ги давале за коцкање – ни вели една возрасна битолчанка, која не може да се изначуди колку многу коцкарници и казина се отворени во Битола. Уште еден друг битолчанец ни ги сподели своите размислувања.
– Го колнам денот кога првпат влегов во казиното на Широк сокак. Оттогаш не можам да се откачам од оваа зависност. Секој први кога ќе ми дојде пензијата се колнам дека нема да влезам во казиното, но попусто. Само што ќе ја извадам пензијата од банкомат веднаш ја губам во казината. Ги има на секој чекор и како со магнет ме привлекуваат – ни вели нашиот соговорник.
Градот под Пелистер не само што во последно време е познат по коцката, тој стана препознатлив и по слаткиот живот и големите и скапи забави што се организираат во ресторанот „Голд Фелиција“, каде што за огромни хонорари, кои се мерат со илјадници евра, гостуваат најпознатите естрадни српски ѕвезди, меѓу кои Јелена Карлеуша, Саша Матиќ, Јелена Томашевиќ, Аца Лукас… И додека во Битола коцкарниците никнуваат како печурки по дожд, паралелно се зголемува и бројот на аптеките и на финансиските друштва за давање брзи кредити. Многумина го коментираат тоа како последица од коцкарниците, бидејќи по губењето на парите, несреќните коцкари наминуваат во аптеките и со ситните пари што им останале купуваат лексилиуми и дијазепами.

Па така, во Битола во моментот додека голем број компании и фирми пропаѓаат или едвај дишат, буквално цути бизнисот на коцкарниците и аптеките. Паралелно со тоа се зголемува и бројот на наркозависниците во Битола. Иако во последно време инспекторите на СВР-Битола постојано излегуваат во јавноста со информации за успешни акции во откривање наркозависници и наркодилери, во Битола сѐ поголем број граѓани, па во последно време дури и малолетници, консумираат дрога.
Ваквата „преродба“ на Битола, која стана град казино, во најголема мера придонесе и да се зголеми бројот на разводите. Во последно време браковите пукаат во Битола како балони. Да биде иронијата најголема, во голем дел причините за разводите се коцкањето на еден од сопружниците и честото навраќање во обложувачницитњ. Деновиве се разведе и една позната битолчанка со две деца поради тоа што нејзиниот сопруг поради коцкарските долгови почнал да се занимава со наркодилерство и буквално целиот свој имот и имотот на неговата сопруга го дал во залог. И како последица на многубројните коцкарници и казина, во Битола драстично расте бројот на разни финансиски друштва што нудат брзи заеми и дуќани што на фирмите се рекламираат како „Продавници за пари“, кои во градот под Пелистер ги има десетици.