Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонското министерство за надворешни работи смета дека нема потреба пошироко да ги презентира македонските аргументи во спорот со Бугарија и да ја запознае европската, па и светската јавност за ирационалноста на бугарските условувања. Според првиот човек во МНР, „нашата позиција нема криза на аргументи за да се користат нови аргументи во нови ситуации. Нашата позиција е јасна и е прифатена од 26 земји-членки на ЕУ и се обидуваме да ја убедиме и Република Бугарија дека тоа е начинот на кој треба да се надмине ова прашање“. Но дали навистина нашите аргументи, кои се одраз на вистината, а за кои стои општ впечаток дека се анемично искажани, нефокусирано и без организирана шпиц-кампања, се навистина прифатени од сите, само не од Софија?

МНР во офанзива за докажување кој е во право во Украина, а дефанзивно за наметнатиот спор од Бугарија?!

Бугарската блокада на евроинтеграциите на Македонија, базирана врз стриктните позиции утврдени со декларацијата донесена во бугарското Народно собрание во октомври 2019 година, покажа дека Софија во меѓувреме успеала преку разни појаснувачки меморандуми и други документи да ја продолжи својата агресивна убедувачка кампања, па дури и да ги убеди и ЕУ и САД за оправданост на нивните постапки. Затоа и не треба да изненадува зачестеното инсистирање на Брисел и на Вашингтон земјава што поскоро да постигне договор со Бугарија по секоја цена.

МНР нема потребна одново и одново да ги афирмира македонските аргументи во спорот со Бугарија?!

И додека во интерес на Западот е да се затвори уште едно отворено прашање на Балканот и да се намалат безбедносните ризици во овој дел од Европа, без притоа да се води сметка за нагрдување на меѓународното право и идентитетското осакатување на Македонија, македонското министерство за надворешни работи е убедено дека нема потребна одново и одново да ги афирмира македонските аргументи во спорот со Бугарија пред европската и светската јавност, ценејќи дека симпатиите се на наша страна.
– Нам не ни фалат аргументи, нашата позиција нема криза на аргументи за да се користат нови аргументи во нови ситуации. Нашата позиција е јасна и е прифатена од 26 земји-членки на ЕУ и се обидуваме да ја убедиме и Република Бугарија дека тоа е начинот на кој треба да се надмине ова прашање. Ние немаме потреба од дополнителни аргументи за да убедиме кого било во светот дека нашата позиција е правилна, 26 земји-членки на ЕУ се веќе убедени – вели шефот на дипломатијата, Бујар Османи.
Тоа ќе беше во ред доколку Македонија претходно не го извлече подебелиот крај во спорот со Грција, кога и покрај сета вербалната поддршка од западните партнери и убедувањето дека ние сме апсолутно во право со нашата позиција за името и нема што повеќе никому да му докажуваме, на крајот сепак излезе дека јужниот сосед и неговата агресивна кампања беа клучни и посилни од сите здраворазумни аргументи, вклучувајќи ги и оние на меѓународното право.

Во пресрет на нашето преземање на претседателството со ОБСЕ, МНР подготви нонпејпер за Украина

И додека министерот Османи е убеден дека нашите аргументи во однос на Бугарија се тие и нема потреба да се повторуваат, македонското МНР, во функција на идното претседавање со ОБСЕ, подготви нонпејпер до земји-членки на НАТО, на Европската Унија, но и до други држави што се придружија на политичките и економските санкции за Русија, со намера да иницира меѓународна акција за запознавање на руското општество со вистинските случувања во Украина и за пренесување на пораката дека рускиот народ не е виновен за постапките „од нивните ирационални лидери“.
Тоа е само дополнителна потврда дека македонската дипломатија има алатки да пласира свои гледишта по одредени прашања и да ја запознава меѓународната јавност, а како иден претседавач со ОБСЕ има одлична можност да ја искористи оваа позиција и да подготви сличен нонпејпер што ќе го испрати до меѓународните партнери, во кој ќе ја посочи и апсурдноста на барањата што ги содржи бугарската декларација од 2019 година, но и ќе алармира за кршењето на малцинските права од страна на Бугарија.
За дипломатот Драган Јањатов нема дилема дека македонското МНР треба да преземе слични чекори и во однос на Бугарија.
– Сега е изготвен нонпејпер поврзан со Украина, но кога станува збор за македонското прашање, нашето МНР требаше да реагира со двојна жестина. Однесувањето на нашето МНР покажува дека ние немаме позиција, односно се солидализираме со бугарската позиција и затоа молчиме сиве овие години – вели Јањатов.

Највисок приоритет ни е решавањето на домашните задачи и предизвици, а потоа ќе помагаме и надвор

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски оди дотаму што смета дека кај нас едноставно како да исчезна националното прашање што треба здушно да се заштити, па затоа нашето МНР не реагира и не смета дека треба одново да ги актуализира нашите позиции.
– Од моментот кога на чело на МНР е Османи, исто како и неговиот претходник, како да не постои наше консензуално национално прашање, државен став во однос на Бугарија, а и воопшто кон нашите Македонци надвор од државава. Тоа прашање слободно може да се стави во фиока бидејќи не е приоритет на македонското МНР. Апсолутно, изминатите години сведоци сме дека не се поддржуваат македонски интереси, не се гледа македонско малцинство во соседните земји, ниту ги интересираат македонските граѓани во другите држави – реагира Пекевски.
Од друга страна, тој поаѓајќи од досегашните чекори на МНР, изразува едно чудење и скепса дека актуелниот министер за надворешни работи сосема различно се однесува и реагира кога се загрозени албанските интереси.
– Доколку се работеше за албански интереси, други ќе беа приоритетите. Вака, штом се македонските национални интереси засегнати, тоа веќе како да не е национален интерес за ова МНР. Нему не му се приоритет македонските граѓани, туку само како да бидеме послушници на одредени центри на моќ – заклучува Пекевски.
Според дипломатот Јањатов, домашната дипломатија, со ставањето акцент на случувањата во Украина, личи како да сака намерно да ја дефокусира јавноста од преговорите со Бугарија, кои се одвиваат во заднина.
– Одамна заговараме институциите отворено и транспарентно да го решаваат спорот со Бугарија, но тоа не беше направено. Случувањата во Украина одат во прилог да се заборави нашиот проблем со источниот сосед. Преговорите си течат во заднина, преговарачите ќе си ја завршат работата, ќе се потпише нешто и потоа ќе биде доцна – предупредува Јањатов.
Тој уште додава дека Македонија во овој момент треба да биде мудра и да не избрзува со чекорите.
– Македонија треба да си ја гледа својата работа и да не избрзува во преговорите со Бугарија, но и со други работи. Мислам дека треба малку да подзапрат во таа насока и најпрво да се погрижат безбедно да ги донесат дома Македонците што останаа заглавени во Украина – порачува Јањатов.