Лидерот на Левица Димитар Апасиев денеска ја поднесе Иницијативата за референдум до Државната изборна комисија.
– Денес Левица поднесе предлог за поднесување граѓанска иницијатива за референдум. Народот треба да го има зборот кога станува збор за прашања од национален интерес – изјави Апасиев.
Левица најави целосна блокада на Собранието, доколку собранискиот спикер Талат Џафери ја одбие и оваа Иницијатива. Од партијата велат дека имаат договор со ВМРО-ДПМНЕ и, како што најави пратеникот од редовите на Левица Борислав Крмов, „заедно ќе доведеме до целосна парализа на Законодавниот дом“.
Иницијативата на Левица за референдум ќе ја поддржи и ВМРО-ДПМНЕ, порача претходно и лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски.
Најмалку сто потписи се потребни за да може Иницијативата да се достави и во Парламентот.
Претходно, иницијативата за референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија што ВМРО-ДПМНЕ ја достави до Собранието на 9 септември беше отфрлена од страна на Џафери со образложение дека е противуставна и оти меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. мс/нд/