Америка ќе остане централна сила на Западот, но Западот повеќе нема да биде организиран околу еден единствен центар (втор дел)
- Американскиот претседател Трамп не го напушта „Западот“. Напротив, неговата политика го принудува Западот да се праша колку може да функционира ако американската моќ станува поселективна, условна и трансакциска…
Во последно време, сѐ почесто сме сведоци на сторени потези од Брисел што европските елити ги именуваат како чекори кон „стратешка автономија, европска одбранбена индустрија, критични суровини, сопствени технолошки капацитети, економска безбедност“… И предлогот Канада да стане „придружна членка“ на ЕУ е дел од истата матрица. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истовремено предложи европски безбедносен совет со учество на партнери како Британија, Норвешка, Канада… Тоа покажува дека новата европска геометрија не се гради само околу членството во ЕУ туку веќе оддалеку се препознава дека се создаваат концентрични кругови на соработка. Имено, ЕУ е во центарот, додека Канада, Велика Британија, Норвешка (а бриселските елити инсистираат и на Украина) се позиционирани како партнери што можат да бидат длабоко интегрирани во одделни области без да станат членки на Унијата, со НАТО како поширока безбедносна рамка.
Канада е првиот сигнал дека се подготвува „нешто поголемо“
Канада е особено интересна затоа што географски е северноамериканска, но политички и вредносно се обидува да ја продлабочи својата европска димензија. Отава веќе аплицираше за приклучување кон т.н. Заеднички експедициони сили (Joint Expeditionary Force) предводени од Британија и се движи кон поширока диверзификација на своите безбедносни партнерства.
А канадскиот премиер Марк Карни во Стразбур предложи многу поширока соработка со ЕУ во критични минерали, AИ, одбрана, дигитална трговија и енергетика, а тој потег е нешто ново. Имено, Канада повеќе не ја гледа трансатлантската врска исклучиво низ Вашингтон. И токму тоа е еден од најважните показатели дека старата геополитичка геометрија драстично се менува.
Америка останува најмоќна, но веќе не е единствената гравитациона сила
– Засега, сѐ уште не може да се каже дека Европа се одвојува од Америка. На самитот во Анкара, НАТО повторно ја потврди обврската кон членот 5 и трансатлантската врска, а новата одбранбена архитектура експлицитно предвидува Европа и Канада да преземаат поголема одговорност заедно со САД. Но, сепак, јавноста сведочи дека се случува нешто посуптилно. САД постепено престануваат да бидат единствен неопходен посредник меѓу европските држави, Канада и преостанатиот свет. Европа сака да гради воено-индустриски капацитети што не зависат целосно од американските производители. Британија може да стане воено-индустриски мост меѓу Северна Америка и Европа. И НАТО може да остане заеднички покрив над сите тие односи. Тоа е засега впечаток за мрежно поврзување, а не хиерархиски Запад – велат наши соговорници, аналитичари и поранешни амбасадори на Македонија.
Трамп го забрзува процесот на западното поврзување, но минус САД
Ова претставува еден интересен парадокс.
– Последниот НАТО-самит откри дека притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп помогнал да се забрза европското и канадското зголемување на одбранбените инвестиции. Но кога притисокот станува премногу силен – царини, условувања, закани за намалување на американското воено присуство -партнерите почнуваат да размислуваат и за алтернативи – велат нашите соговорници.
Реномираниот „Ројтерс“ забележува дека „токму притисокот врз НАТО ја забрзува диверзификацијата на европските воени набавки и поттикнува дел од сојузниците да бараат помала зависност од американската технологија“.
Така всушност се препознава парадоксот. Имено, Трамп сака посилни сојузници што ќе плаќаат повеќе, но сојузниците што плаќаат повеќе истовремено стануваат поттикнати да дејствуваат без Вашингтон.
Од „Пакс Американа“ кон „плурална западна моќ“
– Можеби најважната промена е токму тоа што Западот повеќе не изгледа како пирамида со Вашингтон на врвот. Почнува да личи на мрежа од повеќе центри, и тоа:
- САД – и понатаму најголема воена и финансиска сила;
- ЕУ – огромен економски и индустриски потенцијал и центар;
- Велика Британија – значајна воена и разузнавачка сила со глобален досег;
- Канада – арктичка, ресурсна и технолошка сила;
- НАТО – заедничка безбедносна инфраструктура.
А зад нив стои нова реалност, моќта се распределува по функции, а не само по држави, додека потоа функциите се вмрежуваат наднационално. Во таков свет, класичниот поим „национален сојузник – држава“ станува премногу тесен – велат соговорниците.
Новиот Запад можеби нема да биде „без Америка“, туку „без американски монопол“
– Она што е голема веројатност дека се случува е дека се раѓа Запад во кој САД повеќе не се единствениот центар околу кој сите други мора да се организираат. Тоа не е мала промена. Тоа е промена на самата геополитичка геометрија. И ако иницијативата ЕУ-Канада продолжи, ако европската одбранбена индустрија навистина се интегрира, ако Британија се поврзе со европската безбедносна архитектура, а НАТО остане заеднички чадор, тогаш ерата на Трамп можеби ќе остави една иронична наследена структура. Америка ќе остане централна сила на Западот, но Западот повеќе нема да биде организиран околу еден единствен центар. Токму во тоа е најдлабоката геополитичка промена на Трамповата ера – велат наши соговорници. Р.С.
(крај)
































