Фото: игор Бансколиев

Довербата на јавноста за мерит-вработувања во јавниот сектор одамна е разнишана

Процедурите за вработувањата во јавниот сектор сѐ почесто се засенувани со обелоденување разни афери поврзани со парапроцедурални критериуми, „според роднински, пријателски, партиски, национални и секакви други врски“. Притоа, сѐ почесто се обелоденуваат „заобиколувања“, па дури и прекршувања на законските прописи и официјално промовираните утврдени критериуми за вработувањата. Но непочитувањето на мерит-пристапот (според критериумите за знаење, вештини…), генерира уште подлабок проблем за јавниот сектор: некомпетентност на администрацијата за давање услуги за граѓаните, неефикасна администрација – бавност и застој во наоѓањето соодветен надлежен контакт (институција или службеник) во административниот апарат, како и недостиг од умешност на службениците за предлагање и изнаоѓање начин за решавање конкретни граѓански практични проблеми… Сето тоа е само дел од рецептот за да се изгуби граѓанската доверба во институциите, односно во администрацијата

Во период кога од Владата постојано се зборува за консолидирање на јавните финансии или за коренити реформи, како што неодамна ги нарече министерот за финансии Фатмир Бесими, процедурите за вработувања во јавниот сектор сѐ почесто се засенувани со обелоденување разни афери поврзани со парапроцедурални критериуми, „според роднински, пријателски, партиски, национални и секакви други врски“. Притоа, се обелоденуваат „заобиколувања“, па дури и прекршувања на законските прописи и официјално промовираните утврдени критериуми за вработувањата. Но постои и уште еден аспект на споменатиот проблем, кој се мултиплицира и одразува на различни (негативни) начини кон граѓаните што се корисници на услугите на администрацијата од јавниот сектор.

Услугите од јавниот сектор треба да бидат лесно достапни за граѓаните и администрацијата да има транспарентен делокруг на работни обврски

Токму поради тоа, но и поради ниското ниво на квалитетот на услугите во јавниот сектор, и на централното и на локалното ниво, кај граѓаните постојано е присутен жив интерес за тоа кој каде и како успеал да се „удоми“.

Ако на службените веб-страници на институциите во јавниот сектор се побараат списоците на вработените за кои постои интерес (не само заради лична или професионална љубопитност туку и заради потреба од наоѓање соодветен контакт за решавање конкретни граѓански практични проблеми), може да се види дека во повеќето од јавните претпријатија, установи, агенции, дирекции, комисии, министерства, општини и разни други субјекти наречени институции, тие или не постојат или со години не се ажурирани.

А дека таквата законска обврска на институциите не се почитува, потврди пред некој ден и директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчева.
– Институциите, како иматели на информации од јавен карактер, се должни самоиницијативно и редовно да го ажурираат објавувањето прописи, документи, одлуки и информации што се важни за нивниот делокруг на работење на нивните веб-страници – изјави таа, посочувајќи дека, според анализата на агенцијата, граѓаните најчесто ги интересираат структурата на вработените и основата за нивен ангажман, постапките за јавни набавки и склучени договори, стратегиските документи, како и буџетите и финансиските извештаи на институциите.

Во недостиг од такви информации, не само што граѓаните и компаниите треба да ги проектираат своите планови и активности туку се креираат дури и локалните и државните стратегии, политики и буџети.

Бројот на вработени во јавниот сектор е 132.088 лица, вработени во 1.346 институции

За потсетување, на почетокот од годинава, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити го презентираше годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2021 година.
Како што посочи тој, заклучно со 31 декември 2021 година, бројот на вработени во јавниот сектор изнесувал 132.088 лица, кои својот работен ангажман го реализирале во 1.346 институции.

Од вкупниот број, 19.311 лица биле вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и во Управата за финансиска полиција. За нив, во извештајот не се прикажувале детални анализи поради законски и безбедносни причини, така што деталната обработка и презентацијата на податоците се вршеле за преостанатите 112.777 вработени лица.

Министерот Алити, притоа, истакна дека бројот на вработените во органите на државната власт претставува само 13 проценти од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор, односно дека таму биле вработени 15.302 од вкупно 132.088 лица. Најголем дел, 33 проценти, како што наведе, бил во дејноста образование, а потоа следувале здравство со 19 проценти, управата со 13 проценти, вработените во комуналните дејности на јавните претпријатија со девет проценти, детска заштита и социјална политика со седум проценти…

Секој петти вработен во земјава работи во јавниот сектор

Инаку, според последните податоци на Заводот за статистика, во државава се вработени 694.376 лица, штo, покрај над 130-те илјади вработени во јавниот сектор, значи дека секој, приближно, петти вработен во земјава, работи во јавниот сектор и треба, во секој момент, да биде во служба на граѓаните и на реалниот сектор. Зошто тоа не е така е прашањето на кое еден од можните одговори беше даден и во минатогодишниот „Извештај за дискрециските овластувања во општото законодавство кое го регулира вработувањето“, што за потребите на Министерство за информатичко општество и администрација го подготвиле претседателката на HBО „Транспарентност – нулта корупција“, Слаѓана Тасева, и експертот за јавна администрација од Летонија, Инге Бите, со поддршка на Европската Унија.
– Постапката за избор на вработени во јавниот сектор делумно е регулирана во Законот за вработени во јавниот сектор, но најчесто во одделни закони со кои се регулира секој посебен сектор. Со цел да се има целосен и унифициран поглед на вработувањето во јавната администрација во Република Северна Македонија, се препорачува да се унифицира и да се обезбеди цела основна регулатива за вработените во јавниот сектор во овој „закон чадор“, додека само оние детали карактеристични за конкретниот сектор може да се остават во посебни закони. Истото тоа се применува и за прекинувањето на работниот однос, што е многу малку регулирано во Законот за вработените во јавниот сектор и, во основа, ги остава сите постапки за регулирање во други закони. Подобро би било да се регулираат и постапките за прекин на работниот однос на стандарден начин во овој „закон чадор“, оставајќи ја само многу специфичната регулатива во другите делови од законодавството. Со ова, работата во јавната администрација во Република Северна Македонија ќе биде поразбирлива, потранспарентна и појасна – се вели во извештајот.

Притоа, како особено чувствителен дел се посочуваат вработувањата во јавната администрација.
– Најчесто вработувањето во јавната администрација се дели на јавна администрација што се состои од државни службеници, кои имаат специјални гаранции и заштита со основањето работен однос, и други работници што обично се вработуваат според општата постапка во согласност со Законот за работни односи. При анализата на нормативните акти со кои се регулира вработувањето во Република Северна Македонија, тие изгледаат малку еклектични и иако постојат општи закони со кои се регулира јавната администрација (Закон за административни службеници и Закон за државни службеници), овие закони не ги покриваат сите видови вработувања во јавната администрација. Во Законот за административни службеници, постапката за регрутирање е многу детална и транспарентна, вклучувајќи јавно прикажување на круговите за селекција. Истовремено, не е потребно оправдување или аргументација во полза на избирање еден кандидат пред друг, што може ова дискрециско право да го направи произволно и тешко е или дури и невозможно подоцна да се разгледа одлуката во Комисијата во втор степен или судот. Исто така, во Законот за вработените во јавниот сектор е наведена постапка за вработување, но таа не се применува за сите вработени во јавниот сектор. Секој од анализираните сектори (здравство, образование, култура) има свои специфични прописи за вработување во нивните конкретни закони. Иако е очигледно дека условите за вработување лекар во болница или наставник во училиште може да се разликуваат, овие разлики не треба да се пренесат и во општите постапки за вработување. Возможно е и се препорачува да се применат слични постапки со различни критериуми за сите вработувања во јавната администрација, со што таа ќе стане потранспарентна и разбирлива. Сепак, најзначајниот недостаток во општото законодавство со кое се регулира вработувањето е дека практично тоа не ги покрива вработените на раководни позиции, раководителите на институциите, оставајќи ги овие места на дискрециското право на министерот, кој логично е да биде во искушение да одлучи на политичка отколку на професионална основа. Ова сериозно ја загрозува довербата на јавноста во јавната администрација, создавајќи недоверба не само кај раководителите на институциите туку и во целата јавна администрација предводена од овие раководители на институции – се објаснува во извештајот. Д.М.М.