Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ ги обвини премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, за фијаско со набавката на вакцини и побара оставка од нив.
– Со набавката на вакцини се случува дебакл и фијаско. За една година, за една цела година колку што имаа можност да нарачаат и да набават вакцини, тие само добија една кутија милостина со просење, и ништо повеќе. Ќе ви прочитам неколку примери од земји кои што вчера добија огромни количини на вакцини. Еве ги примерите: Вчера Кенија доби еден милион вакцини од „АстраЗенека“, Руанда 340.000 вакцини, Судан 800.000, Гамбија 36.000 вакцини, Сенегал 324.000 вакцини. Пред неколку дена Молдавија доби 21.000 вакцини од ЕУ – рече Ѓорчев.

Тој обвини дека владата на Зоран Заев и Венко Филипче не добила ништо.

– Одговорноста е голема, одговорноста ја плаќаат граѓаните со животи. Секој ден во Македонија се умира, а веќе имаме и ситуација каде што 10-15 животи дневно, 10-15 човечки души, 10-15 семејства веќе речиси и да не се вест за Зоран Заев и неговите министри. Тоа е неподнослива леснотија на умирањето. Од тие причини веднаш и час поскоро треба да си поднесат оставка. Ова што се случува со вакцините во Македонија, со немањето на имунизација е катастрофа, дебакл и фијаско кое што секој ден граѓаните на Македонија го плаќаат со изгубени животи – рече Ѓорчев.