Фото: Маја Јаневска-Илиева

Една година од почетокот на епидемијата, економистите ја отвораат темата за тоа колку државната и локалната администрација се приспособиле на новонастанатите услови на живеење и стопанисување и колку нивната досегашна работа е во функција на граѓаните и на фирмите

Економската криза поради пандемијата на коронавирусот ги стави во втор план прашањата за прекубројноста на работниците што се на платниот список на државата или локалните самоуправи. Дебатата што беше отворена на почетокот на пандемијата за поднесување еднаков товар на вработените во приватниот и јавниот сектор, што би значело и намалување на платите на државните службеници, поради намалениот обем на работа, брзо беше затворена. Во сите држави од Балканот платите во јавниот сектор останаа непроменети, како пред почетокот на пандемијата, а не беше отпуштен ниту еден вработен. Од претставниците на извршните власти беа бранети со објаснување „дека на тој начин ќе се намали и потрошувачката на граѓаните, што дополнително би се одразило на падот на националните економии“. Една година од почетокот на епидемијата, економистите ја отвораат темата за тоа колку државната и локалната власт се приспособиле на новонастанатите услови на живеење и стопанисување и колку нивната досегашна работа е во функција на граѓаните и фирмите.
Според евиденцијата на Министерството за државна управа и локална самоуправа на Србија, поради актуелната епидемиолошка криза во земјата, околу третина од вработените во јавните институции своите работни обврски ги исполнуваат од дома. Ова значи дека околу 145 илјади државни службеници не одат на работа во службените простории. Одлуките на српската влада за неодење на работа се однесуваше за државната управа, но секоја локална самоуправа имаше слободно право да одлучува за режимот на работа на своите вработени. Поради тоа нема целосна информација колку од вработените лица во Србија во јавните служби работат од дома. Во Србија во четвртиот квартал за 2020 година, во работата од дома биле вклучени 9,2 отсто од вработените, чиј број изнесува 2,92 милиони. Тоа е за 0,1 отсто помалку во споредба со претходното тримесечје, покажале анкетите за работната сила, пишува белградска „Политика“.

– Добро е што за време на пандемијата на ваков начин се организираше работата во јавниот сектор, во кој работат малку под милион лица. Но овие работници се во попривилегирана позиција во однос на оние што работат во зоните со висок социјален контакт, како што се услужните дејности и комуналните служби. Вработените во овие дејности секој ден мораат да заминат на своето работно место – вели Зоран Стоиљковиќ, професор на Факултетот за политички науки, во изјава за „Политика“.
Според него, главно прашање е колку „празнината“ во нудењето на јавните услуги со преминување на принципот на работа од дома е надоместена со подобра организација на службите што им нудат непосредни услуги на граѓаните и колку тие трпеле поради помалиот број на работници.
Хрватската консултантка на компаниите Мирјана Самарџиќ Новоселац смета дека пандемијата значеше и голем тест за подготвеноста на државната администрација за подобра организација, а особено да покаже дали таа е подготвена да ги примени поволностите што ги нуди дигитализацијата во давањето на услугите кон граѓаните.
– Знаеме дека тромоста и неефикасноста се главната болка на хрватската администрација, а во услови на ковид-кризата е особено важно Владата да обезбеди целосна функционалност на институциите. Процесот за дигитализација е нужност, без разлика дали станува збор за продажба на производи или услуги, или за извршување различни задачи во административното дејствување на државните институции. Законодавецот ќе мора да ја приспособи регулативата за работа од дома. Сегашните прописи се рестриктивни и на работодавецот му наметнуваат различни обврски за работење на вработените од дома, а дел од тие обврски неоправдано се префрла и на вработените – вели Самарџиќ Новоселац за „Јутарњи лист“.

Во услови на вонредна здравствена состојба, се покажа под поголемо ниво дигитализацијата во јавниот сектор. Некои од државните и општинските служби во сите балкански држави дел од своите услуги префрлија онлајн, особено во делот на плаќањето на сметките на комуналните услуги. Но тоа повеќе беше направено стихијно отколку што беше дел од добро осмислена реформа во јавната администрација. Слабостите на јавниот сектор во Хрватска дојдоа до израз при издавањето на пропусниците за граѓаните за движење од една во друга жупанија, или кога граѓаните мораа сами да ги подигнат личните документи од локалната самоуправа или од државните органи.
Владата на Македонија во октомври 2020 година ја прифати и препораката на кризниот штаб за справување со епидемијата со коронавирусот, со која се регулираа работното време и обврските на целата државна и јавна администрација, општините и судовите. Во согласност со принципот на работа и работниот процес, беше дозволено организирањето на работата да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак, редуцирано со систем на ротации во зависност од карактеристиките на работниот процес на институциите. За граѓаните новиот начин на работа на државните служби не донесе битни промени во добивањето поквалитетни услуги. Граѓаните, особено постарите лица, беа принудени да одат лично во просториите на државната или локалната власт, за да остварат некое право или да извадат некаков личен документ.