Фото: Маја Јаневска-Илиева

Универзитетскиот професор Томе Неновски укажува дека актуелната тенденцијата за олабавување на монетарната политика создава можност за натамошно намалување на каматните стапки на банките

Податоците за минатогодишното работење на банките укажуваат дека тие, и покрај пандемијата и одложувањето на отплатата на дел од кредитите, сепак ја завршија годината со солидни резултати. Дали позитивното работење на банките ќе резултира со понатамошно намалување на каматните стапки, или пак со олабавување на условите за кредитирање?
– Подолго време банкарскиот систем се соочува со висока ликвидност. Тоа ја создава првата претпоставка за одобрување поголем број и поголем износ на кредити од вообичаените. Истовремено, каматните стапки на кредитите ја следат сигнализацијата на Народната банка, која ја намалува референтната каматна стапка. Каматните стапки на банките се одржуваат на релативно ниско ниво, особено ако тоа се спореди со актуелната побарувачка на кредити на стопанството и населението. Тоа особено е забележливо кај станбените кредити, кои се на прифатливо ниско ниво, што условува тие кредити на населението да бележат највисока динамика на пораст, што се манифестира во изненадувачки високата побарувачка за купување станови во земјата – објаснува професорот Томе Неновски.
Тој дополнува дека актуелната тенденција на НБ за олабавување на монетарната политика создава можност за натамошно намалување на каматните стапки на банките и реално е да се очекува тоа да се случува и во претстојниот период.
– Вообичаена практика во време на рецесија, како сега, каматните стапки се намалуваат, за да се зголемат побарувачката на кредити, инвестициите и производството и постепено земјата да ја надминува рецесиската фаза.

Во тој процес, неминовно е да дојде до израз конкуренцијата на банките во нудење пониски или поатрактивни каматни стапки од другите банки и со нудење дополнителни поволности во кредитирањето, за да ги задржат постојните, но и да привлечат други кредитокорисници – дополнува Неновски.
Тој посочи дека многу голем процент, над 40 отсто од приходите на банките доаѓаат од разни провизии што банките ги наплаќаат од коминтентите. Ова, вели Неновски, значи дека за сметка на растечките приходи од провизиите, банките би можеле да извршат дополнителни намалувања на каматните стапки на кредитите. Сепак, посочува дека во исто време банките ги намалуваат и каматните стапки на депозитите, што, истакнува Неновски, за депонентите, особено физички лица, не е благопријатна и прифатлива ситуација.
Претставниците на ТТК банка потврдуваат дека банкарскиот сектор подолг временски период применува ниски каматни стапки на своите пласмани, приспособени на барањата на коминтентите и профитабилноста на финансираните проекти.
– Во услови на висока ликвидност и продолжено траење на пандемијата, извесно е дека овој тренд ќе продолжи и оваа година. ТТК банка ги следи случувањата во македонската економија и го приспособува своето работење на пазарните услови, со фокус кон одржување на ликвидноста и долгорочна стабилност. Каматните стапки на нашите производи логично го следат овој тренд. Кредитните производи за физички лица – потрошувачките, станбените и хипотекарните кредити – се со исклучително поволни каматни стапки, слични на оние во еврозоната, и тоа понуда продолжува и во овие пандемиски услови – велат од ТТК банка.

Дополнуваат оти во делот на работење со правните лица продолжуваат со активна кредитна поддршка со поволни, конкурентни и приспособени услови, во функција да придонесат за одржливост и јакнење на бизнисите и минимизирање на влијанијата на кризата.
– На условите на кредитирање големо влијание има целокупниот потенцијал на деловниот однос со клиентот, додека каматниот интерес е сѐ помалку пресуден. Банката континуирано вложува во унапредување и иновирање на понудата на производи и услуги и ја потврдува довербата на клиентите. Во оваа насока понудивме можност клиентите со кредитните производи да аплицираат и за осигурителни производи за животно осигурување (кои покриваат и ризици од ковид-19), а притоа да добијат пониски каматни стапки, можност за подолг рок на отплата на кредитите и изземање на административните трошоци – прецизираат од ТТК банка.
И од Комерцијална банка посочуваат дека не очекуваат промени, туку да продолжи ниското ниво на каматни стапки.
– Со оглед на дадените глобални и локални економски околности, се очекува ниското ниво на референтни каматни стапки на централните банки да се задржи и во наредниот период и истото тоа е во насока на остварување на мерките на економско закрепнување. Притоа, не се очекува зголемување на референтната каматна стапка на Народната банка, ниту на каматните стапки на банките.

Се очекува годишниот пораст на вкупните кредити на банкарскиот систем во 2021 година да достигне околу 6 проценти. Порастот на кредитите би се финансирал првенствено од депозитната база на банките, при што се очекува растот на вкупните депозити на нефинансискиот сектор да достигне околу 6,2 отсто во 2021 година – објаснуваат од Комерцијална банка.
Што се однесува до деловната политика, велат дека за оваа година планираат вкупните нето-кредити на коминтентите да имаат умерен пораст од 2,8 проценти. Бруто-редовните кредити на правните лица очекуваат да имаат пораст од околу 3,6 отсто, а кредитите на физички лица пораст од 4,9 проценти.
– Не се планира промена на рочната и валутната структура на бруто-кредитите на коминтентите. Нето-приходите од камата се очекува да забележат зголемување од околу 5,3 отсто во однос на 2020 година, при планиран пораст на кредитите и депозити и намалени каматни пасивни стапки, при што нето-каматната маржа ќе се одржува во распон на таргетираната нето-каматна маржа – дополнуваат од Комерцијална банка.