Професор д-р Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија вели дека не сме баш најздрава нација, а особено тоа се рефлектира во последниве неколку години.
– Од март 2020 година, од кога кај нас почна пандемијата, се направени низа пропусти, и тоа од нас како индивидуи и како потенцијални пациенти, од најмлади до највозрасни. Исхраната не ни е приспособена, иако Македонија има исклучително поволни услови за виреење на корисен зеленчук и овошје. Граѓаните немаат здрави навики да консумираат здрава исхрана. Седат по кафулиња, јадат зачинето, со немање физичка активност. Затоа младите често имаат и покачен крвен притисок. Тоа е погубно за здравјето на луѓето во сите возрасти – посочува д-р Чибишев.
Според него, со пандемијата уште повеќе се искомплицира системот на редовни лекарски контроли, зашто во еден период биле и затворени како здравствени институции.
– Тука се изгубија неколку месеци, многумина не ги направија своите редовни контроли. Како доктори бевме преоптоварени со ковид-пациентите. Ние, како доктори, имаме многу елементи што ни ја попречуваат нормалната работа и кога сето тоа ќе се вклучи се одразува на здравјето на луѓето и со тоа на здравјето на нацијата. Како ќе биде понатаму не знаеме. Се надеваме сево ова да заврши, па да се вратиме во нормален колосек – заклучува тој.

Недостига здрав модул за лекување

Микробиологот Никола Пановски вели дека има повеќе фактори што се пресудни за високата смртност од ковид-19 во земјава.
– Постојано се спомнува само еден фактор, а тоа е дека граѓаните доцна доаѓаат во болница. Сепак, сметам дека треба да се направи сеопфатна анализа по ова прашање. Да се види што е најдобро, што дава резултати во лекувањето, зашто ние како мала земја не треба да експериментираме – посочува тој.
Сепак, микробиологот вели дека смртноста не треба да ја оправдуваме со други причини и целата вина да се префрла на граѓаните и на тоа зашто имаме нездрава нација.
– Факт е дека ако ги гледате кривите за смртност од ковид, секаде се намалуваат, а во Македонија растат. Ако во Италија и во Шпанија имаше поголема смртност, сега разликата е огромна. Значи дека таму нашле модул на лекување и исправени се грешките на лекување. На сево ова влијае и вакцинацијата – посочува тој.
Според него, и здрави пациенти примаат антибиотици како начин за лекување од ковид, нешто што е спротивно на лекување на вирус.
– Доказ за тоа е што нема протоколи за лекување – заклучува тој.
Д-р Злате Мехмедовиќ, специјалист по трудова медицина и супспецијалист пулмолог, вели дека од 2018 година Европска комисија имаше прифатено еден извештај од шведска аналитичка куќа што се занимаваше со европски здравствен потрошувачки индекс.
– Тој индекс имаше пет супкатегории, едната беше квалитет на здравството што го имате во државата. Македонија имаше скок во тој извештај во 2012 – 2013 година, кога го промени начинот на закажување на прегледите. Но Македонија не го промени местото на квалитет што го дава нејзиното здравство. Со години бевме на последно место според резултатите по однос на тоа какво ни е здравството. Местото го делевме со Романија или со Албанија. Тоа беше мерливо според дијагнози, како срцеви удари, дијабет, мозочни удари, белодробни болести и канцер. Требаше да работиме да го унапредиме јавното здравје. Не успеваме да го подобриме резултатот што го добиваме како ефект од промените од здравствениот систем. Има голем број болести што можат да се превенираат, а не се превенираат. Тоа го забораваме. Јавно здравје не е само да одите на лекар и да бидете излекувани – објаснува д-р Мехмедовиќ.

Раната дијагноза е клучна

Според податоците на профилот „Ковид дата чек“, кој објавува статистики за различни параметри поврзани со ковид-19, на 100.000 жители, во Македонија за 14 дена починале 16,4 луѓе од 17 август до 30 август годинава.
Ова ја искачи Македонија на самиот врв по бројот на починати од ковид-19 според процентот на население.
Венко Филипче, министерот за здравство, веќе неколкупати во текот на изминатите месеци, откако во земјата е достапна масовната вакцинација, посочи дека ни е потребна здрава нација.
– Затоа, апелирам сите да се вакцинирате и да им укажете на вашите најблиски и тие да се вакцинираат. Здравствениот систем е важно да може да биде оспособен да прави рана дијагноза и да препознава други болести. Тоа ќе се овозможи само со масовна вакцинација. Здрава нација значи и здрав работен потенцијал – порача Филипче.
Вкупната бројка на починати лица од ковид во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6.259 лица.