По моделот на некогашниот источен воен сојуз, но сега на многу помала територија меѓу Белорусија и Русија, се најавува формирање слична алијанса што ќе биде насочена да дејствува спротивно на политиките на НАТО и на ЕУ

Лидерите на Русија и на Белорусија, Владимир Путин и Александар Лукашенко, минатата недела се согласија да воспостават заеднички пазар за гас и нафта и да ја продлабочат воената и економска интеграција на двете земји, кои во моментов се соочуваат со економски санкции од Западот, за кои тие сметаат дека се неоправдани. Слично по моделот на некогашниот источен воен сојуз, но сега на многу помала територија, овие две држави најавија сојуз и соработка што ќе биде насочена да дејствува спротивно на политиките на НАТО и на ЕУ.
Според пишувањата на медиумите, договорот, постигнат по разговорите меѓу Путин и Лукашенко, најверојатно ќе се смета за нова поддршка на Москва за Минск, кој е под притисок од Западот со воведување санкции против Белорусија за конфронтација со опозицијата. Интересно е што кај двете земји, иако веќе долго време се во формален државен сојуз, сега по новиот договор, според пишувањата, се сигнализира сеизмичка промена во нивните односи. Според новиот план, „сојузот“ ќе има цел подлабинско поврзување и соработка на двете земји во воениот сектор, надворешната политика, како и во монетарната политика и економијата. Некои од светските медиуми ги оценуваат овие најави како сериозна закана по западната демократија, бидејќи, според нив, со ваквиот чекор ќе се зголеми лична моќ на Москва, а со тоа ќе се направи дополнителен притисок на Западот, но и по Европа.
Инаку, претседателот на Русија по потпишувањето на договорот за соработка со Минск не ја отфрли можноста за создавање федерален парламент меѓу Русија и Белорусија во иднина, но додаде дека за тоа сѐ уште не е разговарано.