Фото: Игор Бансколиев

ДЕН ПО ДРАМАТИЧНАТА СЕДНИЦА ВО СОБРАНИЕТО

Еден ден по драматичната седница во парламентот, на која поради немање кворум пропадна иницијативата на опозицијата и воопшто и не дојде до гласање на (не)доверба за Владата, по што беше констатирано дека Владата продолжува во полн капацитет да функционира, политичката сцена во земјата и натаму продолжи да се бранува.
Пратеникот од движењето Беса, Кастриот Реџепи, кој „мистериозно исчезна“ на седницата вчера пак преку Фејсбук се огласи и најави дека в понеделник ќе одржи прес-конференција и дека детално ќе ја информира јавноста за настаните и за неговите ставови.
Тој ја повика Беса, во која е на функцијата потпретседател, да не избрзува со потезите за да не им нанесе штета на партиските структури.
Од ВМРО-ДПМНЕ во две засебни прес-конференции информираа дека се залагаат за брзи избори за излез од кризата, но и дека сѐ уште се со став дека Реџепи е киднапиран и дека се јавува само со статуси на Фејсбук. Од партијата велат дека СДСМ треба да престане со првоаприлски пресови, работата била сериозна, а Заев ги загубил изборите и треба да го оствари ветеното, односно да даде оставка.
– СДСМ изгуби со над 100.000 гласа разлика, СДСМ нема легитимитет од народот за да владее. Тие се делегитимирани – се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.
Од партијата уште додаваат дека органите и телата на партијата заседаваат и ќе одлучат што ќе преземат во наредниот период.
Во јавноста се огласија и од СДСМ, кои на прес-конференција истакнаа дека бараат оставка и извинување од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти, како што велат, со денови го лажел народот дека има мнозинство и 61 глас за гласање недоверба на Владата.
Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, рече дека Христијан Мицкоски наместо да се извини и да понесе одговорност, шири невистини за наводно киднапирање на пратеникот од Беса – Кастриот Реџепи.
Кузеска вели дека народот може да биде спокоен, оти стабилноста е осигурена и додаде дека нејзината партија разговара со сите пратеници, кои се демократски ориентирани, и интензивно работи на обезбедување напредок на државата.
Кузеска напомена дека сега не е време за избори, туку за одговорност, бидејќи сме соочени со многу предизвици како живејачката, енергетската криза, ковид-пандемијата, продолжувањето на европскиот пат.

Во меѓувреме, министерот за земјоделство, од редовите на Беса, Аријанит Хоџа, вчера информира дека се повлекува од функцијата. На прес-конференцијата, Хоџа напомена дека оставката е поради нарушување на демократските вредности во државата, додавајќи дека од функција се повлекуваат и двајцата заменик-министри.
– Како што ветив минатата недела дека поради нарушување на демократијата на локалните избори од страна на дел од оваа влада, на чело со вицепремиерот од ДУИ, каде што беше повредено правото на демократијата, со манипулативни методи и, за жал, тоа продолжи и во текот на вчерашниот ден, кој беше најсрамниот ден за демократијата на нашата држава – рече Хоџа.
Тој рече дека оставки поднеле и двајцата заменик-министри на Беса во Владата.
И лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со слика како пуши цигара се огласи преку Фејсбук. Тој истакна дека случувањата во парламентот ги гледа како европски вредности кон кои се стреми државата и додава дека негирањето на овие вредности се причина поради кои пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи, како дел од новото парламентарно мнозинство, не се појавил на гласањето во Собранието.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, изјави дека неговата партија никогаш нема да биде дел од влада што не ги прокламира јасно, евроатлантскиот курс и политиките на добрососедството. Тој, исто така, посочи дека нема да влезат во влада што нема да го реши спорот со соседна Бугарија.