Фото: Игор Бансколиев

Штетата што ќе ја направи бугарската блокада значително ќе го уназади и регионот, а особено девастирачки ќе влијае и на онака кревките македонско-бугарски односи, јазот меѓу двата народа дополнително ќе се продлабочи, пругите и патиштата ќе останат неповрзани, инвестициите нема да ги има, ниту, пак, чувството за блискост и пријателство меѓу луѓето од двете страни на границата

Германија да не дозволи фијаско на ЕУ за политиките за проширување

Извесното одложување на одлуката за одржување прва меѓувладина седница меѓу Македонија и ЕУ, што требаше да се одржи во декември, само привремено ќе предизвика чувство на триумф кај поголем дел од бугарските политичари, кои многу веројатно ваквиот „триумф“ врз грбот на Македонија ќе се обидат да го материјализираат на претстојните избори во Бугарија.

Изборите таму ќе поминат, но штетата што ваквиот потег ќе ја нанесе на и онака кревките македонско-бугарски односи ќе биде непоправлива, јазот меѓу двата народа дополнително ќе се продлабочи, пругите и патиштата ќе останат неповрзани, инвестициите ема да ги има, ниту, пак, чувството за блискост и пријателство меѓу луѓето од двете страни на границата.
За сево ова алармираат прогресивните сили во земјава, во Европа, па дури и во самата Бугарија, кои сметаат дека официјална Софија преку Македонија си ги лечи сопствените комплекси.
– Апсурдното вето што го подготвуваме за на патот кон ЕУ доволно зборува за нашите сопствени комплекси. Ние веројатно сме несигурни во врска со нашиот идентитет, затоа сакаме да им го триеме носот на Македонците за да покажеме колку сме големи. Некои земји од ЕУ што се против проширувањето со задоволство ќе се скријат зад нашето вето. Се радуваат и Русите, кои ќе можат да делат и да владеат, и Кинезите, кои ќе можат слободно да инвестираат, Србите, кои утре ќе ја интегрираат Северна Македонија наместо нас. Зошто бараме повод да ја направиме оваа кобна грешка да ја запреме Северна Македонија, а патем и Албанија на патот кон ЕУ – прашува Ивајло Дичев, професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија.

За бугарскиот професор Даниел Смилов, со блокадата на Македонија, Бугарија прави стратегиска грешка во надворешната политика.
– Бугарија е на пат да направи стратегиска грешка во својата надворешна политика. Со блокирање на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, Бугарија всушност работи против самата себе: ги забавува интеграцијата и поврзувањето на регионот неопходни за сопствениот просперитет, го поддржува антибугарското расположение во соседната земја и паѓа во меѓународна изолација поради нејзината неразбирлива позиција. Дополнително, наместо принципиелна надворешна политика, Бугарија ги претвора своите романтични толкувања на сопствената историја во мерило на нејзините односи со остатокот од светот – смета Смилов.
Парламентарната група Обнова на Европа во Европскиот парламент бара процесот на пристапување во ЕУ да не се користи од земјите-членки како средство за притисок за добивање отстапки од нивните соседи или за промоција на популистичка и националистичка агенда за домашни политички цели.
– Крајно време е да започнат преговорите меѓу Европската Унија и Северна Македонија. Граѓаните на Северна Македонија чекаа доволно долго. Во име на групата на Обнова на Европа, го повикувам Советот да донесе наскоро рамка за преговори и, особено, Бугарија да престане да блокира и да го одложува почетокот на пристапните преговори. Среде пандемија, за Северна Македонија е поважно од кога било да го забрза процесот на реформи што ќе доведе до многу потребен социјален и економски развој – се посочува во реакцијата на парламентарната група Обнова на Европа.
Германската експертка за Балканот, Јохана Дајмел, смета дека доколку Бугарија го задржи ветото, тоа ќе биде голема стратегиска грешка.

– Доколку Бугарија го задржи ветото, тоа ќе биде стратегиска, а исто така и економски и политички релевантна голема грешка со далекосежни последици не само за Бугарија туку и за целиот европски континент – вели Дајмел.
Според неа, да се застане на страната на оние што ја поткопуваат Европската Унија и нејзините вредности, и тоа затоа што некој го смета својот поглед на историското толкување како единствено важечки, е апсурдно и опасно.
– Доколку Бугарија го блокира ветувањето за евроинтеграција за Северна Македонија за 2020 година, внатрешнополитичкиот мир, а потоа и тој во регионот ќе бидат изложени на многу тежок тест – истакнува Дајмел.
Познавачот на балканските состојби, американскиот професор и аналитичар Даниел Сервер, ги повикува Брисел и Вашингтон да ѝ кажат на Бугарија да ја смири нервозата.
– Прашањата за историјата и јазикот поставени од Бугарија треба да бидат разгледувани од историчарите и лингвистите со погледи што фрлаат светлина на објективната вистина прифатена од сите, но тие никако не можат да бидат изговор за блокирање на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ – посочува Сервер.
Тој претпоставува дека политиката на официјална Софија кон Скопје може да е под влијание на Москва, која речиси цела деценија врши поткопување на темелите на ЕУ и се противи на проширувањето на НАТО во регионот.
Според поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје и ирски аналитичар Ерван Фуере, билатералните прашања меѓу Бугарија и Македонија треба да бараат решение во контекст на интеграцијата на земјата во Унијата.

– Се надевам дека ќе има договор меѓу двете земји, бидејќи во спротивно последиците би биле исклучително сериозни, не само поради односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку можеби дури и покритични за политиката на проширување на ЕУ. Бидејќи, во суштина, ова би значело можност за пристапување на земјите од Западен Балкан да бидат целосно блокирани поради пристапот на бугарската влада – коментира Фуере за бугарските медиуми.
Тој додава дека тактиката што во моментов ја користи бугарската влада е мошне неразумна и контрапродуктивна.
– Овие активности ја поткопуваат политиката на проширување на ЕУ и одат целосно спротивно на принципите врз кои се засноваат принципите на европската интеграција и со кои Бугарија се согласи кога стана членка на Европската Унија во 2007 година – нагласи Фуере.
И дел од македонските аналитичари смета дека блокадата само дополнително ќе ги влоши македонско-бугарските односи, но истовремено се нарушува и кредибилитетот на ЕУ на овие простори.
– Искрен да бидам, мене ми е симптоматично однесувањето на челниците од ЕУ бидејќи случајот со пристапувањето на Македонија е малку бизарен. Минатата есен сите земји беа Македонија да ги почне преговорите, а се противеше единствено Франција. Една година подоцна, ниедна земја не прави проблем и одеднаш Бугарија поставува ирационални, бизарни и тенденциозни услови, кои немаат врска со Копенхашките критериуми. Ова што се случува е крајно несериозно од ЕУ – е ставот на Благојче Атанасовски, историчар и аналитичар.

Според професорката на Економскиот институт при УКИМ Силвана Мојсовска, тоа што ЕУ толерира земја што и онака не ги почитува основните европски вредности, е доказ за проблеми во самата Унија.
– Нашиот проблем е во тоа што ЕУ нема механизам да постапи при ваквите барања на државите-членки, бидејќи за прашањата што се носат со консензус може да постават вето – истакнува Мојсовска.
Поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски смета дека бугарското вето за Македонија ќе биде само континуитет на погрешните одлуки на официјална Софија.
– Од времето кога за официјален јазик ја утврдија северноисточната норма на бугарскиот јазик, па до денес, секоја генерација бугарски политичари успева да донесе најпогрешна одлука во поглед на Македонија. Ветото само ќе биде континуитет на таквата катастрофална политика – напиша Георгиевски на Фејсбук.