Станува збор за т.н. директен лек, односно антивирална целна терапија, за разлика од другите лекови („дексаметазон“, антибиотици), кои не дејствуваат директно на вирусот. „Ремдесивир“ дејствува директно на делбата на вирусот

Потпишан договор за набавка на лекот за антивирална целна терапија

Брз пристап до лекот „ремдесивир“ добива нашата земја преку Европската Унија. Европската комисија потпиша договор со фармацевтската компанија „Гилијад“ за набавка на 500.000 дози „веклури“, бренд-името на лекот „ремдесивир“, со можност за дополнително зголемување на количествата. „Нова Македонија“ веќе објави дека овој лек е првата целна терапија за ковид-19 бидејќи дејствува директно на делбата на вирусот.
– Заедничкиот договор за набавка е потпишан од 36 земји, вклучувајќи ги земјите од Европската Унија, Норвешка и Исланд, Обединетото Кралство и шест земји сегашни и потенцијални ЕУ-кандидати, во кој, освен Македонија, директна набавка на лекот можат да направат и Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Ова е лек за лекување пациенти со ковид-19 на кои им е потребна кислородна поддршка, а постапката за директна нарачка на лекот може да започне уште веднаш. Ова е шеста успешно имплементирана заедничка постапка за набавка. Заедничката набавка е инструмент на Европската комисија од почетокот на годината со кој на земјите им се обезбеди и дополнителен пристап до лична заштитна, респиратори, тестови и друга неопходна медицинска опрема – информираа во Владата.

„Ремдесивир“ и „фавипиравир“ се лековите што даваат ветувачки резултати во лекувањето коронавируси во различни фази. „Ремдесивир“ е лекот што во моментов е најактуелен на светско ниво, бидејќи е првата терапија што во јуни доби дозвола од Европската медицинска агенција да се користи во третман на пациенти со ковид-19. Двата лека даваат ветувачки резултати во лекувањето, а тоа го покажуваат новите сознанија и искуствата на други земји во светот.
За „Нова Македонија“, професорката д-р Александра Грозданова од Фармацевтскиот факултет, чие поле на научен интерес се фармацевтска хемија, имунологија, биолошки лекови и фармакоепидемиологија, пред извесно време кажа дека „ремдесивир“ е првата целна терапија за ковид-19.
– „Ремдесивир“ е прва терапија што е целна за ковид-19. Се има користено и за други коронавируси, како САРС и МЕРС. Се чекаше Европската медицинска агенција да издаде официјална препорака. Станува збор за директен лек, односно антивирална целна терапија, за разлика од другите лекови („дексаметазон“, антибиотици), кои не дејствуваат директно на вирусот. „Ремдесивир“ дејствува директно на делбата на вирусот – појасни професорката.

Овој лек се дава исклучиво во болнички услови. Се дава под строга индикација на една од формите на болеста што може да се манифестира кај пациентите, но не кај сите.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во изјава неодамна истакна дека ова не се лекови што се даваат во домашни услови.