Премиерот Зоран Заев се сретна со Кристин Форшгрен Бенгтсон, новата шведска амбасадорка во државава.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата било заеднички констатирано дека Шведска е голем и искрен пријател кои ги поддржува евроинтеграциските аспирации на Македонија и дека пријателството продолжува да се развива низ меѓусебната соработка на двете држави.

– Кралството Шведска е важен партнер на нашата држава во сите важни процеси и пример на држава кон каква што се стремиме да ја развиеме Република Северна Македонија. Работиме на развојот на капацитетите на институциите, на нивната транспарентност и одговорност. Посебно сме фокусирани на независноста на правосудството. Се надеваме дека низ политиките на дијалог и консензус со опозицијата, со коишто ги направивме потребните реформи, ќе најдеме решение и за Законот за јавно обвинителство, бидејќи граѓаните очекуваат одговорно однесување. Придобивките од реформите, од изградбата едно општество за сите, од затворањето на билатералните прашања со соседите, од очекуваното заокружување на интеграциите во НАТО и добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ се предвидливост на економијата и економски развој. Првите резултати веќе ги имаме со растот на сите параметри во економијата, растот на БДП, растот на платите, нови инвестиции, намалување на невработеноста. Нашата држава верува во европските вредности значајни за граѓаните, како што верува и Шведска – изјавил Заев на средбата заблагодарувајќи се за континуираната и принципиелна поддршка.

На состанокот со новата шведска амбасадорка посебно беше нагласена видливата трансформација на нашата држава и развојот, како во поглед на демократијата и реформите на домашен план, така и на меѓународен план, се наведува во извештајот за средбата.