Само прашање на време е кога Македонија ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ. Ова го истакна германскиот министер за Европа, Михаел Рот, кој раководеше со денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ од името на германското претседателство. Тој порача и дека нема причина да се бара план Б, како што пренесе „Дојче веле“.

– Не е прашање дали, туку кога“, порача попладнево Рот, коментирајќи ја бугарската блокада на почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

– Една единствена земја-членка не се согласуваше со преговарачката рамка која мора да ја одобрат сите членки, но и земјата кандидат. Сигурен сум дека нашите партнери во Скопје нема да се обесхрабрат и по овој удар. Сигурен сум дека ќе продолжат со реформите, независно од оваа одлука. Сигурен сум дека следната година во најбрз рок ќе најдеме решение. Нема никаква потреба од план Б за ЕУ перспективата на Северна Македонија, туку само да се надмине спорот. И сигурен сум дека тој ќе се надмине – истакна Рот.

Тој вели дека ја разбира разочараноста во Скопје, која ја споделува и официјален Берлин. На бугарската блокада вечерва реагираше и пратеничката група на Социјалистите и Демократите во Европскиот парламент.