Снимките даваат увид во вистинските ставови на челниците на Светската здравствена организација на почетокот на годинава

Протекоа снимки од приватни разговори
од самитот на СЗО

Светската здравствена организација го дочека новиот бран на коронавирусот соочена со два големи политички проблеми. Првиот е како да се преземат потребните внатрешни реформи, а другиот е надежта дека новоизбраниот американски претседател Џо Бајден ќе ја поништи одлуката на својот претходник Доналд Трамп да ги повлече Соединетите Американски Држави од членството во СЗО.
Организацијата, која деновиве го одржа својот редовен годишен собир, веќе подолго време е на удар на дел од јавноста што смета дека не презела доволно силни мерки за да го одбрани светот од пандемијата. Незадоволството е силно и во рамките на самата агенција. Според агенцијата АП, протекле снимки од интерни состаноци од почетокот на пандемијата, на кои некои водечки научници го опишаа пристапот на некои земји како „несреќни лаборатории за проучување на вирусот“ и мрачни макабристички простори за изучување кои медицински мерки „работат“, а кои не.
Бајден вети дека ќе ја смени одлуката на Трамп, што е многу важно за СЗО, бидејќи тоа значи и враќање на американското финансирање за таа глобална организација. Но за важноста на СЗО сè уште се расправа низ целиот свет, а особено е контроверзно, истакнуваат критичарите, дека организацијата нема овластување да им наложува на земјите што да прават, па дури и да спроведува независни истраги во други земји. Наместо тоа, работата на СЗО се заснова на состаноци и надеж дека другата земја-членка ќе соработува.

Грешки на големите земји

Критичарите велат дека веќе традиционалната неподготвеност на СЗО да се судри со членките кога е потребно им се удри од глава низ целиот свет за време на пандемија. Како што се ширеше коронавирусот, СЗО се оддалечи од земјите на кои им беше потребна помош, додека земјите што имаат голема финансиска улога во функционирањето на организацијата, како што се Јапонија, Франција и Велика Британија, правеа грешки едноподруго.
Цитирајќи десетици документи од интерните состаноци, АП тврди дека СЗО е под напад затоа што не го искористи својот авторитет за да ги спречи земјите да донесуваат штетни одлуки за борба против вирусот.
– Треба да имаме светска здравствена организација што е храбра и која ги користи своите политички можности да ги именува и јавно да ги гони одговорните за ваквите страшни последици. Ова е нивниот шпански грип. Кога молчи додека другите земји прават големи грешки, СЗО го потценува своето влијание, а планетата гори – вели Софи Харман, професор по меѓународни односи при универзитетот „Квин Мери“ во Лондон.
Сепак, други сметаат дека не би било политички мудро СЗО да се расфрла премногу со своите ставови во состојба кога не поседува јасна политичка моќ. Земјите како Германија и Франција веќе предложија зголемување на овластувањата на организацијата за време на јавна здравствена криза.
– Ако Тедрос (Гебрејесус, претседател на СЗО – з.н.) заземе агресивен став кон членките, тоа ќе има последици – рече Суери Мун, заменик-директор на Глобалниот здравствен центар во Женева.

Не ги критикуваат членките?

Портпаролот на СЗО, Фарах Даклалах, вели дека од почетокот на избувнувањето на пандемијата, организацијата била и ќе биде „искрена и отворена за разговори со владите од другите земји“. Тој додаде дека тие се горди на нејзината работа и на културата на организацијата, која е насочена кон наоѓање решенија за спасување човечки животи.
Еден од научниците што присуствуваа на состаноците, д-р Мајкл Рајан, специјалист за итни случаи, рече дека организацијата не одговорила подготвено на прашањата на медиумите за тоа што прави и дали прави доволно.
– СЗО не се вклучува во јавни дебати или не ги критикува нашите членки во јавноста. Ние се обидуваме да работиме со другите земји конструктивно – рече тој.
Но АП предупредува дека тоа не е сосема точно и дека не би било првпат СЗО да критикува други. Така тие се заканија дека ќе ја затворат канцеларијата во Кина кога земјата го намалуваше бројот на заразени од САРС, во 2003 година гласно побараа од Нигерија да престане да ја бојкотира вакцината против детска парализа и ја обвинија Танзанија дека минатата година криела информации за пациенти што биле заразени од ебола.
Критиките за работата на Светската здравствена организација доаѓаат во критично време, кога агенцијата е клучна за помагање во набавка и дистрибуција на вакцини за коронавирусот низ светот, особено во посиромашните земји. Некои земји, како Русија и Соединетите Американски Држави, одбија да се вклучат во глобалната акција, но главниот научник на СЗО, д-р Соумја Сваминанатан, рече дека се надева оти изборот на Бајден ќе ја отвори вратата за соработка на САД со организацијата.

Сите проблеми почнаа со Кина

Имено, тие веќе предупредија дека сите проблеми почнаа со Кина. И покрај јануарскиот состанок помеѓу Гебрејесус и кинескиот претседател Си Џинпинг, информациите за пандемијата не излегоа на виделина до февруари. Марија ван Керхове, техничкиот раководител на СЗО за активности поврзани со коронавирусот, истакна дека агенцијата имала премногу малку детали за болеста во тоа време и дека не било познато „што дава, а што не дава резултати“. Сепак, првиот човек на организацијата кратко време по тој состанок се појави пред медиумите и рече дека „Кина прави многу добри работи што го забавуваат ширењето на вирусот“.
Снимките од состаноците откриваат и дека научниците на СЗО биле многу загрижени за состојбата во Јапонија во февруари годинава, откако на 1 февруари беше тестиран и беше позитивен патник во крузерот, потоа беа пријавени уште десет случаи на следната дестинација во Јокохама, додека 3.711 патници од крузерот беа ставени во карантин. Рајан тогаш им рече на новинарите да не претеруваат, но веќе на 10 февруари бројот на случаи беше речиси двојно зголемен.

Премалку епидемиолози

– Тоа не е изненадувачки со оглед на природата на оваа истрага. Ако бројот на заразени лица се зголеми двојно за еден ден на еден брод, тогаш нешто не е во ред – рече Рајан подоцна на интерниот состанок, притоа додавајќи дека има премалку епидемиолози што се надлежни за пандемијата.
Д-р Томас Грин, лидер на Акутниот тим при СЗО, пак, ги извести колегите дека организацијата разговарала за пандемијата и со јапонските колеги, но не успеала да добие многу информации.
– Ова е многу чувствително прашање, на кое мора да му се пристапи со претпазливост – истакна тој во февруари.
Научниците тогаш ја виделе „светлината во тунелот“, бидејќи сметале дека овој проблем, за жал, е историска можност да се види ширењето на вирусот. Набргу потоа, јапонскиот епидемиолог д-р Кентаро Ивата отиде на луксузниот крузер, а состојбата што ја затекна таму беше „целосно хаотична“. СЗО дополнително објави дека повеќе од половина од заразените во светот надвор од Кина се од компанијата за крстосување „Дијамант принцес“.
– Веќе во првиот крузер беше јасно дека работите одат во погрешна насока, при што СЗО требаше да реагира. Кога земјите реагираат погрешно на кризата со јавното здравство, СЗО мора да им го каже тоа – вели Лоренс Гостин, директор на Центарот за соработка на СЗО за јавно здравје и човекови права при Универзитетот во Џорџтаун
Дека СЗО не работи добро навести лидерот Гебрејесус на 26 февруари, велејќи дека епидемијата погоди многу земји, но организацијата сè уште не може да ги собере сите потребни податоци. Во текот на февруари и март, коронавирусот се прошири во Јужна Кореја, Сингапур, Иран… Европа беше претворена во епицентар на пандемија кога вирусот пристигна во Италија. Дури и тогаш, водачите на СЗО се жалеа дека добиле премалку корисни и потребни информации од европските земји. Сепак, Тедрос на својот твитер-профил на 8 март објави дека „Италија презема цврсти и смели чекори за да го забави вирусот“.
Гостин посочува дека СЗО бил должен да ја извести јавноста дека некои земји не ги даваат бараните информации.
– Ако земјите не дадат доволно епидемиолошки и биолошки информации, тогаш светот е слеп и не можеме да го дозволиме тоа – рече тој.

Имунитет на стадо

На еден од состаноците во СЗО било дискутирано и за практиката на западните земји да собираат големи резерви медицински материјали.
– Вчера имавме страшна состојба со резервите на опрема за лична заштита, сè отиде во Франција – им рече Рајан на колегите и додаде дека СЗО мора да најде начин да изврши притисок врз земјите и компаниите за да се избегнат вакви ситуации.
Исто така беше дискутирано зошто само Велика Британија не ги запре масовните собири во март за време на карантинот, а Рајан го објасни со тоа што нема друг спорт во Европската Унија освен Премиер-лигата во Велика Британија и ја опиша британската пандемиска стратегија како крајно проблематична. На тој состанок се одржа и дискусија за „имунитетот на стадото“.
– За да се случи ова, стотици и илјадници ќе бидат заразени и ќе има многу смртни случаи. Милиони ќе бидат заразени – истакна Рајан.
Како и да е, тој се согласи дека различните пристапи на земјите во борбата против инфекцијата може да дадат добар увид во однесувањето на вирусот и кој пристап најдобро функционира.
– Тоа би било масовна еколошка студија. Мрачно е, но е реално – додаде тој.
На крајот, беше заклучено дека ова не е експеримент.
– Со следниот бран на пандемија, стануваме сѐ посвесни дека времето на тивка дипломатија е зад нас – рече Рајан на самитот на Светската здравствена организација.