Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска пред Собранието во кое опозицијата прави обид да обезбеди 61 пратеник за да има кворум на седницата за доверба на Владата рече дека ќе чекаат до полноќ, до кога има деловничка можност да трае, да се појави пратеникот од Беса Кастриот Реџепи, кој беше дел од мнозинството со ВМРО-ДПМНЕ, но одлучи да не дојде на собраниската седница.

– Треба да видиме каде се наоѓа човеков, дали е жив, здрав. Освен на социјалните мрежи не видовме што се случува со човеков, дали е никаде надвор од своја волја или доброволно. Претседателот на државата нема јасен став каде се наоѓа пратеникот, бидејќи пратеник во македонското Собрание нема и не знаеме дали е тој киднапиран и се држи без своја согласност. Ако е доброволно не знам зошто не се појави, ќе си гласаше во Собранието и готово – рече Мицкоски пред Собранието.