Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека до 10 септември ќе соопшти дали ќе го повика на бојкот членството, дали ќе гласа против или ќе го поддржи референдумот за името на 30 септември. 

– Не е точно дека ВМРО-ДПМНЕ нема став по ова прашање. Во минатото во многу наврати го има кажано и повторено својот став што се однесува на принципот за промена на Уставот, а со цел промена на уставното име – рече Мицкоски во интервју за Канал 5 ТВ.

Посочи дека партијата летово има акција „Лето за Македонија“ и во нејзини рамки се консултира со многу граѓани на дневна основа, со членовите и раководството на партијата и општинските комитети. 

– Впрочем кампањата за референдумот почнува на 10 септември. Дотогаш се надевам дека оваа акција ќе трае така што јавноста благовремено ќе биде информирана за сите чекори на ВМРО-ДПМНЕ. 

Коментирајќи ги информациите објавени во јавноста по последната лидерска средба, Мицкоски ВМРО – ДПМНЕ многу активно учествувала на лидерската средба со свои предлози околу евентуалниот референдум имајќи предвид дека мнозинството во Собранието го распишува референдумот. Ги повикале колегите од СДСМ и ДУИ, како што кажа, да се почитува законот за референдум и Уставот, како и препораките на Венецијанската комисија и оти прашањето не смее да биде збунувачко и да има повеќе значења.

– ВМРО-ДПМНЕ и тогаш даде свој предлог: Вашиот став за договорот кој што го потпиша МНР Димитров во името на РМ и МНР Коѕијас во името на Владата на Република Грција на 17 јуни во Псарадес (Нивици) – „за“ или „против“ – рече Мицкоски.