Продолжението на конститутивната седница на Собранието на која тебаше да се реизбере претседавачот и претседател на минатиот собраниски состав Талат Џафери нема да се одржи денеска, а дел од пратениците велат дека тоа ќе се случи најверојатно утре.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието повторуваат дека официјално продолжение на седницата немало закажано, а за тоа дали ќе биде закажана утре ќе зависи од тоа дали ќе бидат доставен предлог потпишан од најмалку дваесет пратениците за избор на прв парламентарец.
Седница за избор на Џафери ќе има кога ќе бидат доставени потребните потписи од пратеници за поддршка на предлогот за претседател на Собранието.
Со неговиот реизбор треба да биде и официјализирано мнозинството во Собранието по склучениот договор за владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, а во која влегуваат партиите од коалицијата „Можеме” и ДПА на Мендух Тачи. Владејачкото мнозинството би имало 62 пратеници.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети го најави предвидениот за денеска избор на Џафери, на синоќешниот состанокот на Централниот совет на партијата на кој беше потврден коалицискиот договор со СДСМ. Се очекува предлогот за избор на Џафери да биде поднесен со потписи од 20 пратеници. За избор на претседателот на Собранието потребен е глас од 61 пратеник.

По изборот, претседателот на Собранието во наредните денови ќе треба да закаже и седница за избор на новата Влада, што ќе ја предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев.