Фото: Игор Бансколиев

Само 40 отсто од вкупните донирани дози од ЕУ преку механизмот „Ковакс“ стигнале до крајната дестинација годинава. Причина за слабата испорака за сиромашните земји, според анализите во повеќе реномирани светски истражувачки медиуми, се „бирократијата, динамичната појава на новите видови коронавируси, сложената процедура, но и релативно краткиот употреблив рок на вакцините“…

Омикрон го доведе во прашање брзото
излегување од пандемијата

На нешто помалку од две недели пред крајот на 2021 година, целта на Европската Унија за донирање 250 милиони дози вакцини против коронавирусот за земјите со ниски и средни приходи се чини дека е тешко остварлива. Со ширењето на новиот високозаразен сој омикрон во светот, богатите нации почнаа да им даваат трета доза на своите граѓани, а тоа е можно да предизвика повторно доцнење во испораката на вакцини преку системот „Ковакс“ за сиромашните земји.
Магазинот „Политико“ наведува дека „единствено 40 отсто од вкупните донирани дози од ЕУ преку механизмот „Ковакс“ оваа година всушност стигнале до нивната крајна дестинација!“ Причините за ваквата ниска стапка на испорака на вакцини за земјите во развој, според магазинот, се сложените бирократски процедури меѓу земјата донатор и државата примател, потоа согласноста од производителот на вакцини до државата донатор, но и релативно краткиот временски рок на употребливост на вакцините.
Сето ова, според бриселскиот медиум, придонесува повторно да се забави процесот на еднаква распределба на вакцините, a со тоа да се забави и глобалното закрепнување од пандемијата.
Европската комесарка за здравство Стела Киријакидис, неодамна, во своја изјава за медиумите, истакна дека Брисел без оглед на појавувањето на новите соеви на ковид-19 прави сѐ да го одржува темпото на снабдување со донации на вакцини за сиромашните земји.

– Кога една држава ќе вети донација на вакцина, тие влегуваат во програмата на „Ковакс“ и чекаат да бидат распределени во државите каде што се неопходни. За европските земји да донираат вакцини, се склучуваат трилатерални договори меѓу „Ковакс“, земјата што ги прима вакцините и производителите на истите тие. Сепак, тука се јавува уште еден проблем, односно на европските членки им е потребна дозвола од производителите да донираат од нивните набавени дози. Сето ова доведува до доцнења во испораката, а голем дел од донациите досега беа давани ад хок, со краток период на известување и трајност на вакцините – изјави комесарка за здравство Киријакидис.
Во меѓувреме, европските медиуми пишуваат дека друг проблем во испораката на донираните вакцини е што понекогаш земјите-приматели немаат време да ги направат чекорите за регулаторно одобрување за да ги прифатат дозите и да го испочитуваат рокот на нивното траење.
– Ако една држава одбие донација, тогаш процесот на распределба почнува одново и се скратува рокот на траење на вакцините. Проблем се јавува и со прекраткиот рок на траење на вакцините, поради кој државите честопати и не можат да ги примат за употреба – наведуваат европските медиуми.

Паралелно на ова, научниците од компанијата „Фајзер“ неодамна излегоа со прогнози дека пандемијата на ковид-19 поради овие, но и други причини нема да биде зад нас до 2024 година.
Тие прогнозираат дека крајот на пандемијата многу ќе зависи и од еволуцијата на болеста, ефикасното користење на вакцините, забрзувањето на имунизацијата во регионите со ниска стапка на вакцинација, но и од појавата на нови варијанти од вирусот. Интересно е што Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) објави извештај, во кој се посочува дека омикрон-сојот најверојатно ќе ја потисне варијантата делта во првите месеци од 2022 година. Според ЕЦДЦ, оваа мутација ќе биде доминантна во текот на целата следна година во Европа.