Земја заглавена во бескрајна чекалница

МАКЕДОНИЈА И ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Обидите на нашата држава да пристапи во Европската Унија (ЕУ) се преточени во закочен процес, кој перзистира во поголемиот дел од последните две децении. За разлика од другите посткомунистички земји од Централна и Источна Европа и Западен Балкан, Македонија се соочи со дополнителна препрека на својот пат кон Европската Унија – „проблемот за името“. Овој проблем не беше продуциран од веќе комплицираниот процес на политичка и економска транзиција, ниту, пак, од стандардите и вредностите на ЕУ, за кои другите земји-кандидати, честопати, сметаа дека се исто толку тешки за прифаќање. Впрочем, решението на „проблемот за името“ беше наметнато како дополнителен критериум (надвор од Копенхашките критериуми) за почнување на пристапните преговори, ефективно блокирајќи го пристапот на нашата држава во ЕУ. Обидите за решавање на овој децениски спор добија нов момент во јуни 2018 година, кога државата постигна договор со Грција за промена на името во Република Северна Македонија (т.н. Преспански договор). Откако двете земји го решија спорот што го блокираше пристапниот процес на нашата држава во Европската Унија, отворањето на преговорите ќе претставуваше јасен сигнал за обидите на ЕУ да ја обнови својата експанзија кон Западен Балкан по долгогодишното занемарување на регионот. По долгата дебата на состанокот во Луксембург (јуни 2018 година), европските министри одлучија да дадат условно зелено светло за почеток на пристапните преговори со Македонија (и со Албанија) во јуни 2019 година.

И покрај широката поддршка во ЕУ за отворање на пристапните преговори веднаш, Франција и Холандија се спротивставија на овој потег, истакнувајќи дека, најпрвин, би сакале да видат одржливост на реформите во двете земји. И покрај тоа што Германија ја сподели ваквата загриженост на Франција, земјата реши да ја поддржи експанзијата поради геополитички причини и стратегиската димензија од интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ. И додека Унијата беше погодена од неколку последователни кризи (брегзит, грчкиот долг, мигрантите и бегалците), националистичките и меѓуетничките тензии и натаму продолжија да виреат на тлото од Западен Балкан.
Во јули 2018 година, НАТО официјално ја покани Македонија да започне пристапни преговори за членство во воениот сојуз. Сепак, ваквиот потег беше различен од начинот на кој Москва го замислуваше Балканот. Кремљ јасно стави до знаење дека од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија сака да направи „појас на воено неутрални земји“. При крајот на 2016 година, Црна Гора ја обвини Русија дека се обидува да организира државен удар за да го попречи нејзиниот обид да се приклучи кон Алијансата, иако Црна Гора формално стана 29-та земја-членка на Северноатлантскиот сојуз. Во 2003 година, кога на балканските земји им беше дадено зелено светло да го започнат долгиот пат за членство во ЕУ, не постоеше сомнеж за европската иднина на регионот. Русија гледаше на Балканот, главно, како на транзитна област за извоз на енергија на пазарите од Западна Европа.

Во овој период, земјата немаше амбиции да се натпреварува со Брисел, ами да задржи определен степен на влијание во регионот. Од друга страна, пак, никој тогаш не размислуваше за присуството на Кина на Балканот. Со лансирањето на иницијативата „Еден појас, еден пат“ во 2013 година, Кина стана невиден играч во овој регион. Оваа иницијатива, поконкретно, претставува енормно амбициозна развојна кампања преку која Кина сака да ги стимулира трговијата и економскиот раст, главно, преку изградба на инфраструктура низ Африка, Азија и Европа. На овој начин, Кина станува политичка и нормативна закана за позицијата на ЕУ во Западен Балкан – сѐ додека блокот не е во состојба или не е подготвен да ги интегрира овие земји, тие ќе бидат поттикнати да формираат поблиски врски со Кина, која својата финансиска помош, во споредба со стриктната кондиционалност на Европската Унија, ја нуди на доста безусловен начин. Социјално и економски депримираните земји од Западен Балкан се прилично свесни дека нема да бидат во состојба да ѝ се приклучат на Унијата во скоро време. Оттука, краткорочните решенија за развојните проблеми што ги нуди Кина ги неутрализираат долгорочните политички размислувања за членството во ЕУ.
На 25 март 2020 година, Советот на ЕУ одлучи да ги отвори пристапните преговори со нашата земја, но официјалниот почеток на преговорите беше блокиран од страна на Бугарија. Не само што се заканија да го попречат пристапниот процес на нашата држава во ЕУ, „барањата“ на Бугарија нанесоа огромна штета за фундаменталните вредности на Европската Унија (меѓу другото, почитување на човечкото достоинство и човековите права). Независно од тоа кои би биле домашните мотиви за бугарските тврдења, државата ризикува да нанесе голема и непоправлива штета. Очигледно, најголемата жртва во оваа ситуација е токму Северна Македонија.

Откако спорот за името со Грција беше решен, пристапните преговори на ЕУ со нашата земја се очекуваше да започнат во 2019 година. Сепак, во јуни 2019 година, Советот за општи работи на ЕУ одлучи да ја одложи одлуката за октомври 2019 година, главно, поради негодувањата на некои земји, меѓу кои Холандија и Франција. Холандскиот парламент имаше сериозни сомневања за пристапувањето на Албанија во Унијата, поради состојбата со корупцијата и организираниот криминал во оваа земја. Од друга страна, пак, Франција тврдеше дека, пред да почне со какво било проширување во иднина, ЕУ најпрвин треба да ги зацврсти нејзините институции и процесот на донесување одлуки. Во октомври истата година, Франција повторно стави вето на одлуката. Земјата мораше да чека до март 2020 година за да добие зелено светло за почнување на пристапните преговори, а сега, пак, Бугарија се заканува со можноста за попречување на овој процес. Штетата станува уште поголема ако се земе предвид веројатноста од поттикнување натамошни блокади од страна на земјите-членки и, на тој начин, доведување на процесот на проширување на Унијата во состојба на уште поголем неред од оној во кој тековно се наоѓа. Доколку Бугарија се извлече од оваа ситуација, другите земји од Западен Балкан ќе бидат обесхрабрени да прават какви било обиди, а додека, пак, другите земји-членки на ЕУ ќе бидат охрабрени да наоѓаат некои отворени прашања за да не се согласат со земјите-кандидати.

Во вакви околности, не е во прашање само Северна Македонија, земја со околу два милиони жители, која одамна ги има исполнето сите технички барања за пристапните преговори со ЕУ. Станува збор за тоа како, во името на националистичките домашни политички кампањи, владите на одделните земји-членки на ЕУ го злоупотребуваат нивното право на вето. На овој начин, тие сериозно го нарушуваат кредибилитетот на Унијата во нејзиниот најважен регион – Западен Балкан. Конечно, најголемата штета е за самата Европска Унија, која е заснована на признавање на диверзитетот и разликите. Да им се даде простор на различните идентитети претставува клучна премиса на Унијата, која им овозможува на земјите да работат заедно, без притоа да се наметнува нечие гледиште за минатото или за националниот идентитет. Европската Унија е заснована врз консензус, а тоа, пак, значи дека ниту една држава или нација не може да го наметнува својот историски наратив врз другите. Ваквото стојалиште е особено значајно за Балканот – регионот каде што земјите или нациите, особено помалите, честопати, стануваат предмет на амбициите од нивните поголеми соседи.

Авторката е редовна професорка при Економски факултет – Прилеп,
Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола