Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики, политики кои градат мостови, а не ги рушат, рече премиерот, Зоран Заев, на свечената академија по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор насловена „После Охрид“.

– Охридскиот рамковен договор ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други наши граѓани. Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани, во заедничката ни – Татковина. Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, а не ги рушат. Политики коишто ги сплотуваат граѓаните, а не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината, во нашиот заеднички евроатлантски дом, заедно со другите народи – рече Заев.

Додаде дека како држава ги презедовме сите неопходни мерки за градење интегрирано општество кое, како што кажа, е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, вклучително и малцинските права, почитување на различностите и се развиваме во заедница во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија, отворена и современа држава која развива интензивна регионална соработка, земја лидер на Западен Балкан.

– Нашата земја гради зрели политики. Наместо конфликти, разговараме за унапредување, за економски напредок во нашата земја и унапредување на добрососедските односи. Заедно со нашите соседи, создаваме „Отворен Балкан“, надминувајќи ги сите препреки и ослободувајќи ги сите идеи за слободно поврзување на сите наши граѓани – наведе премиерот.

Тој истакна дека Владата, пред четири години ја исполнила обврската која, според него, непотребно се одолговлекувала повеќе од една деценија и го донела Законот за употребата на јазиците, заокружувајќи ги одредбите од Охридскиот рамковен договор.

– Законот за употреба на јазиците е во рамките на Уставот и овозможува услови за спроведување едно заедничко општество за сите граѓани елиминирајќи ги условите за развивање национализам и обезбедувајќи напредок на државата, со почитување едни кон други, со уважување на правата и потребите на секој граѓанин и секоја заедница – рече Заев.