Австриската поддршка е константна и очекувано е остварувањето европските интеграции на Македонија како стратешки интерес. Ваков е заклучокот од средбата што денеска ја остварија претседателот на Владата, Зоран Заев, и новоименуваниот амбасадор на Република Австрија во нашата земја, Георг Вуцас.

На средбата исклучително позитивно и пријателски беа оценети билатералните политички односи меѓу двете земји и беше посебно истакната економската соработка која се одвива со интензивна динамика.

Премиерот Заев изрази благодарност за континуираната поддршка од страна на Република Австрија за процесот на проширување и напорите кои се прават за вклучување на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

– Австрија е еден од најголемите наши поддржувачи во европските интеграции и наш врвен економски партнер – истакна премиерот Заев.

Двајцата соговорници констатираа дека Македонија постигна конкретни резултати во спроведувањето на реформите, нема отворени прашања со соседите, со кои заеднички придонесува за поголема безбедност, стабилност и сигурност во регионот.

Беше заклучено дека остварувањето на евро-атлантските аспирации на Северна Македонија ќе придонесе за подобрување на економската состојба на граѓаните и ќе создаде услови за зголемување на интересите и инвестициите на странските компании.

Премиерот Заев и амбасадорот Вуцас изразија задоволство од можноста за давање личен придонес во продолжувањето на традиционалното пријателство меѓу Македонија и Република Австрија, како и за продолжување на австриската поддршка на патот за остварување на европската перспектива на нашата држава.