Претставник на македонското Министерство за надворешни работи денеска во попладневните часови во Атина го доставил македонскиот нацрт-договор за решавање на спорот околу името, порача на денешната прес-конференција шефот на македонскатаа дипломатија Никола Димитров.

Нагласи дека на македонскиот нацрт-договор интензивно се работело изминатите денови и потврди дека македонската страна, исто така, го добила грчкиот нацрт-договор.

Истакна дека постојат разлики во македонската и грчката нацрт спогодба.

– Грчката нацрт-спогодба е предмет на анализа во овој период. Секогаш кога комуницираме преку медиуми работата се компликува. Чесно е да кажам дека има разлики и се надеваме дека ако мислиме заеднички на една цел ќе успееме тие разлики да ги надминеме – порача тој.

Со ова комуникацијата, што досега се одвиваше претежно низ усен дијалог, Димиров нагласи дека се влегува во фаза на размена на пишани документи.

– Целта е да се најде едно одржливо достоинствено решение за надминување на разликата околу името, да се направи дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција – рече Димитров.

Шефот на македонската дипломатија истакна дека со нетрпение и со задоволство ја очекува посетата на неговиот колега од Грција, Никос Коѕијас, кој во четврток ќе допатува во земјава.

За в петок, како што нагласи Димитров, Коѕијас ќе има и повеќе средби со македонскито државен врв, а на 30 март во Виена двајцата министри ќе имаат средба со медијаторот на ОН Метју Нимиц.