Социјалните мрежи се полни со фотографии на кои граѓаните се фалат со бројот на собрани печурки, но многумина од нив, според прашањата, не се ниту познавачи на оваа област. Експертите советуваат никогаш да не собирате печурки за кои не сте 100 проценти сигурни дека се безбедни за јадење

Есенските дождови, кои зачестија деновиве, направија плодна почва за брз раст на печурките.
Искусните собирачи на габи велат дека секогаш знаат кои се поволните места за берење. Тоа најчесто се местата каде што има дабова и букова листопадна шума, но и големите шумски ливади. Обично собираат јајчарка и вргањ, кои тешко може да се помешаат со други отровни видови, кои може да бидат фатални за човекот. Во околината на Скопје, печурки се собираат на Скопска Црна Гора и на Водно.
Оваа есен најмногу се собира популарната печурка срндак, тоа е нејзиното народно име. Тоа е една од највкусните печурки, со мирис на лешник. Но од нејзиниот род има и печурки што може да предизвикаа токсични дејства во организмот и затоа експертите препорачуваат да се собираат само најизразените примери на оваа печурка.
Експертите советуваат никогаш да не собирате печурки за кои не сте 100 проценти сигурни дека се безбедни за јадење.
Социјалните мрежи се преплавени со фотографии на кои граѓаните се фалат со бројот на собрани печурки, но многумина од нив, според нивните прашања, не се ниту познавачи на оваа област. Овој феномен ја отвора дилемата колку е безбедно собирањето печурки, какви се ризиците од тоа и зошто луѓето имаат толкава голема желба да ги собираат овие шумски плодови.

Дали заработувачката е висока и дали консумирањето на овој вид храна има полезност за организмот?
Експертите велат дека во Македонија има над 2.000 габи, кои можат да се видат со голо око. Од нив, околу 300 вида можат да се јадат, но имаат разлика во нивниот квалитет.
Сепак, тие посочуваат и дека не треба да бидеш професионалец за да собираш печурки, но мора да ги разликуваш основните видови печурки во земјава.
– Најчесто кај нас најмногу проблеми за човекот предизвикува печурката амaнита фалоидес, која личи на шампињоните. Ако се изедат и 70 грама од оваа печурка, може да има фатални последици – посочуваат тие.
Нутриционистите, пак, посочуваат дека печурките се корисни за организмот.
– Имаат многу протеини и минерали и малку шеќери. Не треба да се јадат во големи количества, зашто се тешко сварливи и содржат хитин – велат тие.
Сепак, тие посочуваат дека печурките не треба да бидат главна исхрана, туку само додаток во исхраната.
Токсикологот д-р Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија во Скопје потврдува дека има многу корисници на социјалните мрежи што стaваат слики од печурките што ги набрале и бараат мислење за нив.
Сепак, на Клиниката за токсикологија немале пациенти што пријавиле труење од печурки. Но во минатото имале случаи и кога цели семејства биле затруени со печурки.
– Во сите пригоди, користам шанса да им укажам на луѓето да не експериментираат со берба на печурки и со нивно консумирање, ако немаат добро познавање за тоа. Уште повеќе, укажувам да не јадат диви печурки што некој ги набрал и потоа им ги дал за јадење – посочува тој.
Според него, само една печурка може да отруе двајца што ја изеле.
– Мало количество внесена од отровот може да биде екстремно силно и брзо да дејствува. Во почетокот труењето почнува како обично труење со храна или стомачен вирус. Тука луѓето грешат и доаѓаат доцна кај нас, кога труењето веќе напредува. Во првите 24 часа отровот проаѓа низ органите за варење. Но добар дел од отровот се ресорбира во крвта и оди во црниот дроб. И тука е најголемата штета. Таков оштетен црн дроб тешко можеме да го вратиме во функција. Единствена опција во тој момент е трансплантација на црн дроб, а тоа тука не можеме да го направиме – објаснува д-р Чибишев.
Во Македонија има и доста литература што е препорачлива за љубителите на печурките, особено за почетниците.


Вргањот најоткупуван

Во Македонија налето и наесен многумина собираат печурки и за продажба, од кои можат да се заработат доста пари. Сепак, познавачите велат дека цената на печурките зависи од временските услови и колкав ќе биде нивниот род.
– Ова лето не беше најповолно, бидејќи немаше доволно дождови. Синџирот оди преку откупувачи, кои потоа вршат извоз, најчесто за Италија. Најчесто се откупува вргањ, кој е лесно препознатлив и откупувачите го знаат, па нема опасност меѓу тие печурки да се најде некој отровен вид – велат познавачите.
Но дали и кој врши контрола кој и какви печурки собира и кој ги откупува? Надлежните велат дека сите откупувачи мора да бидат регистрирани во Агенцијата за храна и ветеринарство и да исполнуваат соодветни услови.