ЕКСПЕРТИТЕ ВИДОА МНОШТВО ПРАВНИ НЕБУЛОЗИ ВО БУГАРСКИТЕ БАРАЊА КОН МАКЕДОНИЈА
Обидувајќи се институционално да го легитимира ветото за преговарачката рамка за Македонија, што бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева го испорача на министерскиот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, во известувањето пред бугарското собрание, меѓу другото, побара и правни гаранции од Владата во Скопје. Гаранциите што ги наведува Захариева претставуваат предуслов за воопшто да продолжат разговорите за надминување на спорните прашања во македонско-бугарските односи, кои доведоа до вето. Гаранциите што сега ги бара Бугарија од македонската влада се сублимат на небулозните побарувања што ги презентираа уште во објаснувачкиот меморандум до земјите-членки на ЕУ, уште пред три месеци, кога преговарачката рамка за Македонија, подготвена од германското претседателство беше уште само како работна верзија. За да почне да размислува за повлекување на ветото, Бугарија бара, пред сѐ, придржување до формулацијата за македонскиот јазик во документите на ЕУ, како „официјален јазик според Уставот“ (како што е претставен во Декларацијата за пријателство меѓу Македонија и Бугарија од 1999 година и потврдена во Договорот за добрососедство од 2107 година). Освен тоа, бугарската страна очекува јасни и писмени гаранции од Македонија за откажување од правата на македонското малцинство во Бугарија.
Овие гаранции, како и своевидна агенда наречена „патоказ“ за спроведување на Договорот за добрососедство, Бугарија очекува да бидат вградени како посебно поглавје во преговарачката рамка со ЕУ, што на некој начин значи дека Македонија паралелно со преговорите со ЕУ треба да биде под специјален мониторинг и на Бугарија во процесот на пристапување во Унијата.
– Бугарија воведе нов критериум за пристапување кон ЕУ. Присилување на кандидатите да прифатат историски, јазични и идентитетски услови. Ако тоа влезе во учебниците на ЕУ (ако стане правило за сите), можете веднаш да го запрете проширувањето. Предлог за потенцијална фиеста за вето на Балканот – пишува во својата анализа влијателниот германски весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за ветото за Македонија во ЕУ, од страна на Бугарија.
Иако европските дипломати, како и влијателните европски медиуми бугарските барања спрема Македонија ги квалификуваат како мобинг, а одлуката за вето како „дрзок, ненаучен, нереален и лесно проѕирен внатрешнополитички мотивиран потег“, бугарските министри и понатаму бараат гаранции од Македонија во смисла на откажување од посебноста на македонскиот јазик и правата на македонското малцинство во Бугарија.
– Барањето за гаранции на бугарската министерка Захариева е несериозно и покажува основно непознавање на меѓународното право, меѓународната практика, па и меѓународната политика. Признавањето на правата на малцинствата не го бара Македонија, туку во случајот со Бугарија тоа го бара Советот на Европа. Почитувањето на малцинските права е демократски меѓународен стандард, кој треба да биде вграден во внатрешното уредување на секоја земја што се изјаснува за демократска, особено ако е и членка на ЕУ. Значи, на македонското малцинство во Бугарија му припаѓаат правата според стандардите на меѓународното право и Македонија едноставно не може да се откаже од тие права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, зашто тоа не е во нејзина државна надлежност. Од Македонија се бараат гаранции за нешто што не го поседува. Правата на малцинствата се надвор од мандатот на Захариева и мандатот на македонските политичари – вели адвокатот Тони Менкиновски, кои во повеќе случаи ги застапувал македонските организации од Бугарија, пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур,
Менкиновски проценува дека Бугарија ја има „промашено темата со ветото за Македонија“, зашто воопшто не е во корелација со содржината на критериумите на ЕУ.
– Историско-идентитетските прашања воопшто не се дел од критериумите за членство во Унијата. Вообичаената аргументација за некакво блокирање на преговорите се темели на непочитување на владеење на правото, зголемена корупција, криминал…, но никако не е разбирливо оспорување нечиј национален идентитет и права на малцинствата да биде аргумент за блокирање на евроинтеграциите на некоја земја-кандидат. Бугарија ја има промашено темата за вето, а кога-тогаш ќе мора да овозможи регистрација на македонските здруженија кај неа, зашто тоа од неа го бара Советот на Европа.
Доколку не го стори тоа, ѝ се заканува опасноста да биде исклучена од Советот на Европа – вели Менкиновски, истовремено укажувајќи дека бројката на луѓе што се изјаснуваат како етнички Македонци во Бугарија не е толку мал како што сакаат да прикажат. За тоа говори и високиот услов за регистрирање здружение во Бугарија, според кој се бара членство од 7.000 члена, што македонските здруженија го исполнуваат, но сепак не се регистрирани. Менкиновски заклучува дека со ветото, Бугарија сака поразот на своите малцински политики во Европа и светот да го претвори во успех.
САД очекуваат Македонија да ги почне преговорите со ЕУ до крајот на годинава
САД ги повикаа Бугарија и Македонија да ги решат билатералните спорови надвор од пристапниот процес за да се постигне заедничката цел за членство на Северна Македонија во Европската Унија, изјави за „Гласот на Америка“ портпаролот на Стејт департментот.
– Ние сме јасни во нашата желба да видиме кандидатурата на С. Македонија да влезе во преговарачката рамка до крајот на оваа година – рече портпаролот на Стејт департментот нагласувајќи дека ги поздравува напорите за преговори.
Во изјавата се вели дека процесот на проширување промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет во регионот. Одлуката на ЕУ во март да ги отвори пристапните преговори со Македонија беше позитивен чекор и го негира лажниот наратив дека трансатлантската заедница го запоставила Балканот.
– Одложувањето на пристапот на овие држави во ЕУ ризикува да се обноват прашањата за кредибилноста на ЕУ во регионот – изјави портпаролот на Стејт департментот, додавајќи дека САД се силен поддржувач на евроатлантската интеграција на Западен Балкан.