Фото: Влада

Бугарската заедница во Северна Македонија е мостот меѓу двете држави, изјави денеска во Битола бугарскиот премиер Кирил Петков, кој присуствуваше на отворањето на клуб кој ќе работи во состав на културниот центар „Иван Михајлов“.

– Тука сме за да покажеме дека ова прашање не е меѓупартиско, туку национално. Треба да се обединиме, но не само во Бугарија, туку заедно со Бугарите во Северна Македонија. Тие всушност се мостот меѓу двете земји и ние тој мост треба да го искористиме за да ги заштитиме нивните права, тоа воопшто не е спорно. Истовремено, мора да ни биде јасно дека и за бугарското малцинство во Северна Македонија и за бугарскиот интерес е важно, Северна Македонија еден ден да биде дел од Европската унија – рече Петков на новинарско прашање на отворањето на клубот.

Петков, кој е придружуван од потретседателката Илијана Јотова и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска, прашан дали постои документ што е доставен од македонска страна, вели дека се прават напори да се постигне заедничка позиција и во Бугарија и со Македонија.

– Во моментов се трудиме да постигнеме една заедничка позиција, не само во Бугарија, туку заедно со Северна Македонија и таа општа позиција да биде јасна. Ние ги усогласивме рамките кои ги имаме, имаме и коалициски договор и преговарачка рамка и се тоа треба да го почитуваме. Истовремено, она што не обединува е јасното разбирање дека за сите нас е важна европска иднина на Северна Македонија – рече бугарскиот премиер Петков.