Фото: САНО

Овој ден ја потенцира и потребата за порамноправен и подобар пристап до третман и нега за сите деца со рак

Со песната „Кога си среќен …“ денеска во 19 часот на паркингот позади Клиниката за детски болести претставници на организацијата САНО, која им помага на децата со малигни заболувања и нивните родители, ќе се обидат за момент да им ги тргнат мислите на децата кои таму се хоспитализирани.

На овој начин ќе го одбележат 15 февруари, Меѓународниот ден на децата болни од рак, како глобална кампања за подигнување на свеста за ракот кај децата и за изразување на поддршка за децата и адолесцентите со рак, преживеаните и нивните семејства.
Овој ден ја потенцира и потребата за порамноправен и подобар пристап до третман и нега за сите деца со рак.

Марија Тасев, претседателка на организацијата САНО, вели дека поради пандемијата од ковид-19 не можат да организираат поголеми настани на Клиниката за детски болести како што тоа го правеле неколку години претходно.

Фото: Приватна архива

– Очекуваме доколку не е многу студено децата да излезат на прозорците и да ни се придружат заедно за запееме и да плескаме со рацете. Можат да присуствуваат сите кои сакаат да им дадат поддршка на овие деца. Барем на пет минути од нивното време да им ги тргнеме мислите од болничките кревети, да им дадеме внимание и да им создадеме насмевка на лицата. Ова е начин на бодрење полесно да го поминат времето во болница и што поскоро да се вратат дома, меѓу своите блиски и другарчњата – вели Тасев.

Социјална пензија за мајките кои престојуваат со децата во болница

Следниот период ќе покренат цела кампања за промена на Законот за социјална и здравствена заштита, во делот за помош на мајките кои престојуваат во болница со нивните деца болни од рак.
– Лекувањето најчесто трае долго и мајките престојуваат со децата заедно во болница. На тој начин тие губат работа, но и можност за вработување. Бараме тие мајки да добијат социјална пензија, која ќе ја примаат во време траење од три години, односно додека трае периодот на лекување на нивните деца. Така, тие мајки ќе можат да го надоместат периодот лекувајки го своето дете во болница. Ова ќе важи за мајките кои не се вработени – објаснува Тасев.

Седат, херојот од Ласкарци, сега е херој и за децата со малигни заболувања

20-30 деца годишно се лекуваат од педијатриски канцер

Според Тасев, во Македонија годишно бројката на деца до 14 години, кои заболуваат од сите видови на педијатриски канцер се движи од 20 до 30 деца.

– Нема официјален регистер на заболени деца од сите видови на педијатриски канцер, кој е важен за формирање на здравствените политики. Детската клиника има интерни регистри за овие деца. Излекувањето е долг процес, а за да се смета за целосно оздравено детето треба да поминат од три до пет години – додава таа.