Софија под лупа за издавање „златни пасоши“ на руски банкари

Бугарија

Истражувачката веб-страница Бирд.бг објави интересни сознанија што ја разоткриваат шемата за давање бугарски „златни пасоши“ на некои од водечките руски банкари и покрај тоа што немало докази дека тие инвестирале во најсиромашната земја-членка на ЕУ. Од она што е досега утврдено, се знае дека вкупно 97 странци поседуваат бугарски „златни пасоши“, од кои 40 проценти се Руси.
Инаку, поради стравувањето од перење пари и други финансиски криминали, под зголемена контрола на локално ниво и на ниво на ЕУ е давањето државјанство и пасош на ЕУ на богати државјани од трети земји. Во таква атмосфера, порталот утврди дека во Бугарија, Руси што добиле право на слободно движење низ ЕУ од бугарската држава се: Дмитриј Кушаев, директор на канцеларијата на Креди Свис во Москва, Роман Нагаев, поранешен директор за инвестициско банкарство во руската банка ВТБ капитал, и Игор Финогенов, поранешен директор на Евроазиската банка за развој.
Она што не е спорно во целата ситуација е фактот дека еден од критериумите за добивање бугарско државјанство, според шемата, е да се инвестира во економијата преку имот, бизнис или банкарски депозити.

Но Кушаев, Нагаев и Финогенов не поседуваат имот во Бугарија, ниту поседуваат или управуваат со фирми. Тоа значи дека тие не инвестирале во реалната економија, туку веројатно купиле бугарски државни хартии од вредност, односно државен долг. Другата опција предвидена со законот за бугарско државјанство е да се направи депозит во готовина во бугарска банка, но истрагата покажа дека многу апликанти земале заеми за да го направат депозитот.
Новата бугарска владејачка коалиција, која дојде на власт во декември, ветува дека ќе стави крај на можностите за добивање „златни пасоши“ во земјата во следните неколку недели. Можноста за стекнување бугарско државјанство во замена за инвестиции постои од 2013 година, но не доведе до никакви материјални инвестиции. Таков е случајот и со тројцата руски банкари.
Откако Кипар ја заврши својата шема „пари за пасоши“ во 2020 година по широкораспространетите наводи за корупција во кои се вклучени владини претставници, Малта и Бугарија остануваат единствените две земји-членки на ЕУ со ваква програма во сила. Европската комисија беше јасна дека таквите шеми се неприфатливи, но Владата на Малта продолжи со несмалено темпо. Плановите за укинување на бугарската шема се на маса веќе неколку години и останува да се види дали тоа ќе стане реалност.