Фото: Претседателски Кабинет

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, вчера попладне во Њујорк ја одликуваше Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Македонија, соопштија од Претседателскиот Кабинет.

Претседателот Пендаровски му го врачи одликувањето на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш кое се доделува за големата помош и поддршка на ОН при справувањето со последиците од катастрофалниот скопски земјотрес и за непроценливиот придонес за обновата на градот Скопје, којшто прерасна во град на солидарноста и вистински симбол на пријателството меѓу народите.

Претседателот Пендаровски оствари и средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на која се разговараше за севкупните активности на Македонија во рамки на Обединетите Нации, како и за улогата на организацијата во справувањето со глобалните предизвици.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за посветеноста на ОН во нашата земја и изрази очекување соработката во иднина да продолжи со зголемен интензитет. Тој нагласи дека континуираниот ангажман на ОН во Македонија придонесува за зајакнување на капацитетот на земјата во клучните сектори за развој на македонското општество.

На средбата беа разменети мислења и информации за текот на нашите евроинтеграции, за актуелната политичка и безбедносна состојба во регионот, како и за руската воена агресија врз Украина. Претседателот Пендаровски ја истакна нашата силна заложба и посветеност за јакнење на улогата на ОН во справувањето со глобалните предизвици, стои во соопштението.