Според некаков правнички кодекс, прифатено е да се почитува дека одлуките на судот не се коментираат, туку задолжително се спроведуваат. Без намера за оспорување на авторитетот на институцијата – Уставен суд, сепак на општествената јавност исто така ѝ припаѓа правото да ги анализира ставовите и аргументациите на уставните судии, како и одлуките што произлегуваат од тоа, кои ги засегаат државата и општеството. Експертите се недвосмислени и децидни во своите ставови: „Секој идентитетски договор е правно нелегален во меѓународното право!“

Уставниот суд со својата одлука му го продолжи рокот на траење на Преспанскиот договор

Пред неколку дена, а по речиси четири години од поднесувањето на иницијативите за преиспитување на уставноста на Преспанскиот договор и указот на законот за негова ратификација, Уставниот суд едногласно одлучи да не отвори постапка. Во функционална смисла, тоа значи дека уставноправно е „продолжен рокот на траење“ на Преспанскиот договор и употребата на воспоставената географска одредница пред името на државата Македонија, но во јавноста уште повеќе се активираа дилемите за правната издржаност на ваквата одлука, особено на образложението на аргументите.

Кацарска: Поранешниот претседател Иванов го прекршил Уставот и ја злоупотребил уставната недореченост

Според некаков правнички кодекс, прифатено е да се почитува дека одлуките на судот не се коментираат, туку задолжително се спроведуваат. Без намера за оспорување на авторитетот на Уставниот суд, сепак на општествената јавност исто така ѝ припаѓа правото да ги анализира одлуките што ги засегаат државата и општеството.
– Судот одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на указот со кој е прогласен овој закон и да ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на претходните два акти и нивната усогласеност со член 3 од Законот за склучување ратификација и извршување на меѓународни договори и Виенската конвенција за договорно право. За овој предмет беше спроведена темелна постапка, подготвителна седница и сеопфатна анализа на уставно судската пракса. Уставниот суд цени дека Указот не содржи правни норми. Не е пропис, тој е дел од процедурата и кога Уставниот суд укинува или поништува закон, указот не се укинува посебно – изјави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Подносители на иницијативите за оценувањето на уставноста на законите беа: Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес (СМК), Ивица Ефремов, Ангеловски Стив, Солза Грчева и Томе Тодоровски. Во сите иницијативи беше оспорен рокот на објавувањето на актите во „Службен весник“, како спротивен на Уставот, но и тоа што не е потпишан од претседателот на државата.
За оспорувањето на уставноста и законитоста на Преспанскиот договор, поради отсуството на потписот на претседателот на државата, Уставниот суд цени дека прекршување на Уставот всушност направил претседателот Иванов.
– Бидејќи системот на владеење во нашата држава е парламентарна демократија а не монархија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Уставот и законите важат еднакво за сите, па и за претседателот на републиката. Неспорно е дека претседателот треба да го потпише указот во рок од седум дена кога првпат му се доставува законот чијшто рок е предвиден во членот 38 од Законот за Собрание на РСМ, а потоа тој е должен да го потпише. Меѓутоа, тој ја злоупотребил уставната недореченост каде што навистина не е пропишан рок за повторно доставување на законот, односно потпишување на повторно доставен закон – аргументираше претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Според судиите на Уставниот суд, тие не навлегле во расправа за содржината на Преспанскиот договор, бидејќи немаат надлежност за меѓународни договори.

Професорот Јанев потсетува: Веќе е направен преседан од Уставниот суд за
меѓународни договори, со предметот за ОКТА

Универзитетскиот професор по меѓународно право Игор Јанев потсетува дека веќе постоел преседан, поврзан со случајот со ОКТА, кога Уставниот суд се произнесе за предметот, односно се донела одлука во врска со законите за ратификацијата.
– Во врска со преседанот за ОКТА во 2002 година. Уставниот суд во 2002 го откажал договорот со Грција за изградба на гасоводот ОКТА, со поништување на Законот за ратификација на договорот. Договорот со ОКТА не можеше да се поништи, како меѓународен акт, но судот го поништи законот, како домашен акт. Судот тогаш фактички пресудил дека договорот со ОКТА, потпишан во 1999 година од страна на двете влади, бил неуставен – наведува професорот Игор Јанев.
За актуелната одлука на Уставниот суд да не се произнесе за иницијативите за преиспитување на уставноста на указот за ратификација на законот со кој Преспанскиот договор стана дела од уставноправното уредување на Македонија, професорот Јанев смета дека во суштина, „секој идентитетски договор е правно нелегален во меѓународното право“.
– Што се однесува до приказната со непостоење на „норми во указот“, ова претставува класичен пример за непримерно неизјаснување за правниот акт, поврзан со нормата што се однесува на стапување во сила на законите. А во врска со непотпишувањето од страна на претседателот Иванов, може да се смета за очигледно дека тој не сакал да го потпише, бидејќи сметал дека Преспанскиот договор е нелегален етноциден акт! Па од тие причини и не го ставил потписот. Имено, не може да се тврди дека „претседателот бил спречен“, па поради ова, наместо него се потпишал претседателот на Собранието. Самиот Иванов даде изјава дека нема да го потпише, имплицирајќи дека НЕ Е спречен, туку дека го смета договорот за нелегален и противуставен. Оттаму, дури и на лица што не се правници, јасно им е дека спикерот, а не претседателот, ги пречекорил и злоупотребил своите надлежности.
Но овде треба да се забележи и нешто пофундаментално кога се работи за непознавање на меѓународното право од страна на судиите во Уставен суд.
Дека може да се води постапка за поништување на договорот потврди и меѓународниот правен експерт Франсис Бојл, за што веќе пишуваше весникот „Нова Македонија“, кој посебно посочува дека постапката за поништување може да тргне од членот 46 од Конвенцијата за договорното право од 1969 г. (во врска со внатрешните повреди на правото и постапките при склучувањето на договорот, како основа за поништување или раскинување на актот/договорот). Секој идентитетски договор е правно нелегален во меѓународното право! Ова исто така останува непозната материја за судиите во нашиот Уставен суд.
И да заклучам. Во нашиве услови Преспанскиот договор мора да се раскине, а не да се „поништи“. Договорот од Преспа треба да се раскине со дипломатско т.н. раскинувачко писмо пратено до другата договорна страна (Грција) – експлицира професорот по меѓународно право Игор Јанев.

Иницијаторите сметаат дека Уставниот суд донел политичка, а не уставноправно поткрепена одлука

Професорката Солза Грчева, која е еден од подносителите на иницијативите за преиспитување на уставноста и законитоста на регулативите со кои Преспанскиот договор стана дел од уставноправниот систем на Македонија, не е изненадена од одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка за нив, со оглед на неколкугодишното одложување воопшто да бидат ставени во процедура.
– Ние и немавме надеж дека Уставниот суд ќе постапи објективно и професионално во однос на нашите иницијативи за преиспитување на уставноста на Преспанскиот договор, со оглед дека поминаа речиси четири години од нивното поднесување. Кога ги поднесовме иницијативите, сепак имавме одредена верба во професионалниот и правен интегритет на судиите во Уставниот суд, но како што минуваше времето, што се покажа во повеќе други случаи дека уставните судии носат политички одлуки, се намалуваше таа верба. Така што не сум изненадена од одлуката да не се отвори предмет по нашите иницијативи. Иако и понатаму стојам на ставовите изнесени во иницијативата дека има многу грешки во постапките за ратификација на законот со кој Преспанскиот договор доби системски статус. Сите тие грешки се наведени во иницијативата, по консултација со истакнати правници. Со ваквата одлука, Уставниот суд го изгуби и оној малку интегритет што го имаше, а образложението дека „указот не е дел од правните норми“ и дека претседателот Иванов со непотпишување на указот го прекршил Уставот… е посрамно од самата одлука за непостапување – вели професорката Солза Грчева.