Садомазохизам

Македонија никогаш досега во својата нешто повеќе од тридецениска независност не се нашла во ваква состојба, буквално да не се знае во која насока се движи државата, дали кон нејзино тотално демонтирање, одржливост со ремонтирање или, пак, кон нејзино ремоделирање во согласност со желбите и апетитите на соседите.
Ако порано се случуваа афери од еднаш до двапати во годината, сега има по две-три афери на дневна основа и, што е уште позагрижувачко, тие немаат никаков епилог, никој не презема одговорност, нема казна за сторителите, сè си минува по онаа народната, кучињата лаат, карванот си врви. Најголем институционален дострел во разврската на овие афери и натаму е формирањето некаква анкетна комисија, која никогаш нема ништо да утврди и сè ќе се заборави до првата следна афера.
Очигледно сета оваа „скандал-војна“ има единствена цел, секој да го одврати фокусот од валканите алишта во својот двор и да го пренасочи на туѓа врата. И сето тоа се случува во време кога наближува рокот до кога треба да се спроведат уставните измени, така што не се избираат средства како да се оствари посакуваната цел. Затоа ни малку случајни не се двете интервјуа дадени едноподруго на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, човекот што две децении го немаше во медиумите, па одеднаш се појави и во два дена нафрли еден куп работи во јавноста, само колку да се оттргне вниманието од неброените скандали кај интегративците. Не е случајно ниту што токму завчера Уставниот суд ја одби иницијативата за преиспитување на уставноста на Преспанската спогодба, затоа што оцени дека сега е моментот и оваа работа да се протурка набрзина бидејќи јавноста е целосно дефокусирана со безброј други афери, така што ова ќе помине без голема реакција. Уставниот суд пет години ја држеше иницијативата во фиока и токму сега се произнесе, користејќи го сиот овој метеж за да ги минимизира реакциите.
Не е некоја голема филозофија дека ако сакаш да подзакриеш некоја работа што се одвива во заднина, тогаш бомбардирај ја јавноста со сè и сешто, само да се тргне вниманието од суштинските работи што се случуваат под површината. Повеќе никој не крие дека се разговара со пратениците од опозицијата, а со цел да се убедат да ги поддржат уставните измени. Во таа тотална војна да се добие пратеник повеќе, или барем 80, се вклучија сите, поранешни, сегашни, идни функционери, на власта и опозицијата, новинари, невладин сектор, ботови. И сите одат на ѓон, на сè или ништо.
И во таа „тотална војна“ не се поштедени ниту пратениците, со кои членови на Владата разговараат за потребата од носење на уставните измени. Очигледно тука некој ги побркал лончињата. Министрите и членовите на Владата се тие што треба да одговараат пред пратениците, а не обратно. Какви се тие разговори далеку од очите на јавноста? За што се разговара? Граѓаните им дале мандат на тие пратеници, така што истите тие граѓани сакаат да знаат дали некој ги разубедува народните избраници за кои тие гласале. Со таквите „убедителни разговори“ се кршат темелни вредности на Уставот, се погазува и онака тоа малку владеење на правото што остана, се нарушува поделбата на власт, се омаловажуваат интегритетот и дигнитетот на пратениците, им се ограничуваат слободата на мислење и слободата на изразување, а се влијае и врз нивното убедување да гласаат по слободна волја.

Тоа не оди така. Оние што пред една година се криеја од јавноста кога преговараа со Бугарија и кога крадешкум го усвоија „францускиот предлог“ иако целата јавност велеше „не“, сега самите треба да го најдат излезот од кашата што ја приготвија. Но човек треба да биде реален, сами нема да најдат никакво решение, освен „балканскиот начин“ што им го предлагаше Хан пред некоја година. Ама тешко ќе оди таа работа, така што сега најпаметно е малку да се смират и едните и другите, да погледнат, пред сè, што е најдобро за државата и граѓаните ако воопшто им се важни. Решенија секогаш се наоѓале и ќе се најдат, но само заеднички, не на сила, не со подметнувања и сплетки.
Никој нека не продава демагогии од типот дека ако сега не се случат уставните промени, готово е, возот ќе замине, Албанија ќе оди напред. Никаде нема да оди Албанија затоа што Грција пред некој ден ѝ се закани со вето ако продолжи прогонот на градоначалникот на грчкото малцинство во јужна Албанија, а Македонија најдобро на своја кожа почувствува каков играч е Грција кога ќе се заинаети околу некоја работа.
Брзањето нема никаде да нè одведе бидејќи ЕУ нема да се шири до 2030, туку од 2030 година. Значи, време има. Неодамна, француско-германската експертска работна група, за која никој овде и не знаеше дека воопшто постои и работи, излезе со препораки за реформа на Унијата. Луѓето прецизно кажаа две работи што, барем оние што не ги гледаат работите со европските розови очила можат јасно да ги согледаат. Прво, дека ЕУ треба до 2030 година да се подготви за проширување или, преведено на обичен јазик, до 2030 година би требало да траат реформите внатре во Унијата, а потоа ќе продолжат процесите за проширување. И ова би важело ако реформата започне веднаш, но имајќи предвид дека многу земји се против менувањето на сегашниот систем на гласање со консензус, нејасно е кога сето ова ќе почне и колку ќе трае. Втора работа, и да се смени консензуалното гласање со квалификувано мнозинство, Македонија повторно ништо не добива оти финалното гласање за прием ќе биде повторно со консензус, за што параф на крајот ќе мора да стави и Софија.

Во меѓувреме, германско-француските експерти предлагаат наместо класично проширување, да има некакво лабаво членство, без добар дел од ингеренциите. Во таква ЕУ, Македонија повторно нема да биде рамноправна, туку ќе биде омаловажувана. Сегашното инсистирање за уставните измени во една ваква ситуација наликува на садомазохизам, како некој да сака оваа држава да биде жртва и да ужива во себежртвувањето до сопствено исчезнување.
Она што единствено е извесно е дека Македонија сама ќе се доведе во изолација, не ако не ги спроведе уставните измени, туку ако не почне да работи на владеење на правото, на борба со корупцијата и други работи за што во неколку наврати пристигнаа предупредувања од Брисел, но и од дел од дипломатите во земјава. На крајот од краиштата, и договорите што сме ги склучиле и со Бугарија и со Грција не мора да важат ако веќе вторите страни не ги почитуваат. Мора да се утврди што е интерес на државата и граѓаните и да се седне на маса да се бараат решенија. Не е во интерес на граѓаните во сета оваа немаштија да даваат по пет-шест илјади денари за обнова на документите иако не им се истечени, а Грција да не промени ниту еден знак оти „Грците биле многу чувствителни на името Македонија“. Па, извинете, и ние сме чувствителни кога некој без потреба нè удира по џебот. Исто е и со Договорот за пријателство и соработка со Бугарија. Бугарската страна од потпишувањето на договорот демонстрира само непријателство и тоа е најголемата причина да се откажеме од овој штетен договор. Големите „душегрижници“ велат немало да добиеме подобар договор, ни од ЕУ ни од Бугарија. Проблем е што за некого овде ова е „добар“ договор. Па подобро никаков отколку лош договор на штета на државата. Што ни фалеше што до 2017 година немавме никаков договор со Бугарија? Односите ни беа стопати подобри. Ако едни САД, една Русија, Австралија, Франција можат да раскинуваат договори што не им одговараат, можеме и ние. Правилата важат за сите.
Клучна работа за излез од оваа, веќе не знам да пронајдам ниту соодветен збор, ситуација во државата е да седнат сите релевантни чинители тука и со трезвени глави да се најде решение што ќе биде најдобро, како за државата така и за граѓаните. Сето тоа мора да биде отворено, транспарентно, низ една широка дебата, дискусија, што да се направи во една ваква пат-позиција. Некогаш е попаметно малку да се застане, да се погледне наоколу и да се почне да се средуваат работите дома.

Потребно е да се тргнат од сцената сите корумпирани политичари и да бидат изведени пред лицето на правдата, ама онаа вистинската, не „ало“ правдата. Потоа, да им се скратат крилјата на партиите оти почнаа многу високо да летаат, заборавајќи дека тие се тука само сервис на граѓаните, а не се граѓаните нивни робови и послушници. Треба законски да се оневозможат да ја полнат администрацијата и институциите со партиски апаратчици. Следно, доста со балансери и бадентери, институциите не се водат со етнички, туку со учени кадри. Тој што знае и умее ќе знае како да им го подобри животот на сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност. Следно што треба да се почне веднаш е обнова на образовниот и здравствениот систем од корен, оти вакви какви што се, се тотално нефункционални. Мора да заживее бизнисот, оти ако државата продолжи да се меша и да притиска, тогаш и она нешто компании што останаа во земјава ќе си ги релоцираат бизнисите на други места, подалеку одовде. Сите овие работи се многу поважни во овој момент отколку уставните измени. Лесно е да си скандал-мајстор во оваа држава бидејќи за ништо нема одговорност, тешко е да направиш нешто за својот народ оти тоа бара умешност што не секој ја има. Токму затоа, држава се води со ум, а не со празни фрази и пароли. Сега се клучни времиња за мудри одлуки, но и за мудри луѓе. Ги имаме, време е и нивниот глас да се слушне!