Фото: Влада

Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека нема да ги потпише измените на Законот за работни односи со кои се предвидува работниците на Коридорот 8 да работат до 60 часа неделно.

Пендаровски, како што напомена пред обраќањето на конференцијата „Регионални безбедносни предизвици и неодамнешни случувања во земјите од Западен Балкан“, го нема во изворна форма Договорот за изградбата на Коридорот 8 и на Коридорот 10-д, ниту го видел. Прво ќе причека, истакна, да ја слушне парламентарната расправа, а потоа и ќе се произнесе за секој од осумте закони поврзани со „Бехтел и Енка”.

-Не, ако остане во таа варијанта не, зашто веќе постои одлука. Уставниот суд лани ја прогласи за неуставна таа одредба во едне друг закон. Не можеме да ги повторуваме грешките. И да го потпишам, а нема да го потпишам ако е таква одредбата, јасно е дека Уставниот суд, следејќи ја својата претходна одлука, повторно ќе ја прогласи за неуставна – изјави Пендаровски, одговорајќи на новинарско прашање дали ќе ги потпише измените на Законот за работни односи.

Шефот на државата потврди дека не го видел договорот за изградбата на Коридорот 8 и на Коридорот 10-д.

– Не сум го видел, знаете дека е направена само, како да ја наречам, делумна декласификација за пратениците кои имаат безбедносен сертификат. Значи, јас го немам во изворна форма. Прво сакам да ја видам парламентарната расправа, она што ќе биде на Комисијата и да видиме кои прашања ќе произлезат од таа дебата иако мојот став го знаете. Сакам да ги видам дефинитивните верзии на сите тие осум закони кои се во парламентарната процедура и на крајот, се разбира, тоа и Уставот го бара од мене, ќе се произнесам за секој од нив – подвлече Пендаровски.

Во врска со платата, претседателот рече дека „по ново“ земал 165.000 денари.

– По ново платата е 165.000 денари, а по старо 93.000. Тоа го објавија сите медиуми – рече кусо Пендаровски.