Здрава храна

Водата е важна за човечкото тело бидејќи сочинува околу две третини од нашата телесна тежина, транспортира хранливи материи и отпадни материи во нашето тело, ја регулира нашата температура и учествува во повеќето хемиски реакции во нашето тело. Но колкаво треба да биде дневното внесување вода?
Правилото што постои со години е дека препорачаната доза од осум чаши вода дневно е неопходна за нормално функционирање на организмот и дека доколку во еден момент чувствуваме жед, се смета дека сме на чекор до дехидрација. Но експертите наведуваат дека не ни треба повеќе течност од количеството што ни го сигнализира телото кога сме жедни.
– Контролата на хидратацијата е една од најсофистицираните работи што сме ја развиле во еволуцијата откако нашите предци се извлекле од море на копно. Имаме огромен број софистицирани техники што ги користиме за одржување соодветна хидратација – рече Ирвин Розенбург, научник во Лабораторијата за невронаука и стареење на универзитетот „Тафтс“ во Масачусетс, САД.
Ако сте здрави, вашиот мозок ќе открие кога на вашето тело му недостигаат течности. Исто така, се ослободува хормон што им сигнализира на бубрезите да штедат вода со концентрирање на урината. Тие исто така наведуваат дека другите пијалаци помагаат при хидратација, вклучувајќи чај и кафе. Иако кофеинот има благо диуретично дејство, истражувањата покажуваат дека чајот и кафето помагаат во овој процес.
Дополнително, тие истакнаа дека има малку докази што сугерираат дека пиењето повеќе вода има ефект врз губењето на тежината и која било од другите придобивки што вообичаено се припишуваат на водата. Што во крајна линија значи дека треба да пиете течности пропорционално на вашата моментална жед.