Фото: Макфакс

„Сакаме лек, не комодитет“ и „Нема да си одиме“ скандираат заболените од цистична фиброза и нивните семејства пред Министерството за финансии. Дваесетина минути откако почна денешниот протест, инициран поради тоа што нема најава за набавка на лекот „трикафта“ за сите што го чекаат, претставници од Асоцијацијата за цистична фиброза беа повикани и влегоа во Министерството на разговор.

Додека внатре се разговара за нереализираното ветување дека лек ќе се набави за сите, продолжува протестот пред министерството. Ечат свирчиња, а болните и нивните семејства носат транспаренти „Ретки сме и постоиме“, „Наше право за лек, ваша обврска“, „Здравје пред профит“, „Бидете и сојузници на нашата борба за живот“ и „Не диши, имаме други приоритети“, со кои бараат Министерството за финансии да одвои средства за набавка на лекот.

Лекот „трикафта“ беше итно обезбеден, но засега го добиле 12 пациенти чија состојба беше оценета како најкритична. Беа донесени и законски решенија за олеснетаа набавка, но веќе трет месец нема известување дека лекот се набавува и за останатите болни.

Според податоците од Асоцијацијата, во земјава има околу 140 болни од цистична фиброза.