Фото: МВР

Во Регионалниот центар за гранични работи Југ во Кавадарци, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска им посака добредојде и го поздрави присуството и официјално започнување на заедничката операција „Македонија 2023“, на службениците на ФРОНТЕКС кои ќе бидат распоредени на границата кон Грција.

Заедничката операција е предвидена да трае до 24 јануари 2024 година, со можност за нејзино продолжување, а има за цел поддршка на националните служби во граничната контрола и управувањето со миграциите, вклучувајќи ги и превенцијата, откривањето и спречувањето на прекуграничниот криминал, во прибирањето и размената на оперативни информации и идентификувањето на можни ризици и закани, јакнење на оперативната соработка и поддршка на оперативните капацитети.

Фото: МВР

– Очекуваме истата да придонесе за поефикасно справување со прекуграничниот криминал, вклучително и криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе и тероризмот како глобални предизвици. Заедништвото на оваа операција се согледува и преку вложување во персонал и опрема за да обезбедиме поголема безбедност – информираа од МВР.

Планирано е во текот на 2023 година ФРОНТЕКС да распореди повеќе од 100 службеници, патролни возила и специјална опрема на македонско-грчката граница со што значително ќе се зголемат капацитетите за откривање на илегалните активности вдолж границата, притоа почитувањето и заштитата на основните права на секое лице засегнато од операциите на ФРОНТЕКС е во центарот на активностите на агенцијата.

Во рамки на посетата на Спасовски беше организиран и Првиот оперативен брифинг за припадниците на ФРОНТЕКС во заедничка координација на ФРОНТЕКС, Одделот за гранични работи и миграции и Регионалниот центар за гранични работи Југ, со што и официјално започнува Заедничката операција.