Фото: МИА

Изминатиот викенд во Париз беа одржани неколку манифестации посветени на ликот и делото на големиот македонски онколог и научник д-р Анастас Коцарев, по повод 113-годишнината од неговото раѓање и 92-годишнината од упокојувањето.

Чествувањата на Коцарев беа заокружени вчера со комеморативна церемонија одржана на неговиот гроб во париската општина Бонди, на која меѓу другите присуствуваа градоначалниците на Охрид, Кирил Пецаков и на париската општина Бонди, Стефен Ерве, како и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев и членови на семејството Коцареви од Охрид.

Градоначалникот на Охрид, Пецаков, го потенцираше значењето на делото на д-р Анастас Коцарев како една ретка и уникатна приказна на човек кој му подарил „големо нематеријално наследство“ на светот и најави низа иницијативи кои во координација со општина Бонди ќе се реализираат етапно, од именување улици и објекти во двете општини со неговото име, обележување на местата каде живеел и творел, до подготовки за пренесување на гробот на научникот во Охрид и отворање на музеј во неговиот роден град.

– Македонија и Франција имаат вистинска причина за уште едно поврзување и одговорност да работат на популаризација на научната оставнина на научникот – рече Пецаков додавајќи дека д-р Анастас Коцарев припаѓа на ретките граѓани на светот кои планетарно дале придонес за општото добро на сите преку нивната научна и пожртвувана работа во медицината.

Градоначалникот на Бонди, Стефен Ерве, ги поздрави иницијативите во рамките на партнерството меѓу двата града, за кое рече дека е неизбежно бидејќи ликот на Анастас Коцарев станува обврска и силна алка на поврзување меѓу двата града. Тој најаво дека наскоро ќе го посети Охрид, за да го види градот на УНЕСКО во кој се родил д-р Анастас Коцарев.

Анастас Коцарев по потекло од старо охридско семејство. Медицинскиот факултет го завршил на Женевскиот универзитет каде што работи и како асистент на универзитетската клиника. Својата кариера ја продолжува во Париз каде продолжува со истражувањата на Академијата за медицина во Сорбона, Париз. Таму тој продолжува да работи на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум заедно во соработка во Марија Кири-Склодовска која во тоа време била професор и директор на Лабораторијата за радиум на Универзитетот во Сорбона. Бил еден од пионерите на радиотерапијата, но и на радиографијата.

Коцарев е прв во светот кој направил рендографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак.

Умира во Париз на 28 март 1931 година под неразјаснети околности.