Фото: Макфакс

Со државнички активности, Владата утре ќе ја одбележи 19 годишнината од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

На овогодинешното одбележување во Струмица, со почеток во 10 часот на споменикот на поранешниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе владина делегација предводена од Јованка Тренчевска- министерка за труд и социјална политика, заедно со Борче Хаџиев – директор на Бирото за јавни набавки.

Во Бутел, Скопје, со почеток во 11.30 часот, на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе сопругата на поранешниот претседател, Вилма Трајковска, делегација на кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски, делегација на Собранието, предводена од Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, делегација на Владата составена од Славица Грковска, заменик претседател на Владата, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа, Беким Реџепи, заменик министер за транспорт. Потоа делегација на АРМ предводена од Генерал мајор Азим Нуредини, заменик началник на Генералштаб, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи авионската несреќа, во 13 часот ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе владина делегација во состав од Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи и претставници од кабинетот на претседателот, Катерина Цаневска Арсовска, советник на претседателот, Полковник Билјана Блажевска, аѓутант на претседателот.

Во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина.