Фото: Официјален Фејсбук-профил на Панче Тошковски

Може да се изработат по 3.000 нови пасоши дневно, но во оптимизирани услови, истакна техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски при гостувањето во емисијата „Ја сакам Македонија“ на телевизија „Сител“.

– Имаме две машини со дневен капацитет за околу три илјади пасоши дневно, кој се надевам дека ќе го оптимизираме. Но најважно е да не ја загубиме динамиката во испораката на обрасците. Ако има печатење на пасоши од тип Б, со други јазици, ќе биде под 2.800 дневно – објасни Тошковски.

Тој посочи дека се очикува обновување на пасошите до Нова година, доколку се биде во ред со машините и со испораката на обрасците.

– До Нова година ќе можеме да ги обновиме оние 650 илјади пасоши со старото име, но само ако се зголеми капацитетот и ако ги имаме обрасците. Не може да се обезбеди уште една машина бидејќи таа постапка трае долго време, а сега се избори. Ако работиме 25 дена месечно, со по три илјади пасоши на ден, тоа е 75 илјади месечно. Со ова темпо ќе можат да се обноват пасошите – посочи Тошковски.

Министерот повторно ги повика пратениците да го изменат законот за патни исправи. Тој напомена и дека добил допис од Брисел, според кој Европската Унија нема да прави проблеми доколку македонските граѓани треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.

– Добив на писмено информација според која комитетот за патни исправи на Европската комисија одржал состанок. Ќе имаат разбирање за проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на македонските граѓани. Европскиот комитет дава мислење до земјите да имаат разбирање. Само Македонија, освен Грција, ќе го крши основното човеково право на слобода и движење, заради тоа што пратениците од владејачката структура, СДСМ и ДУИ, не сакаат да стиснат едно копче – рече Тошковски.

Тој нагласи дека 70 илјади македонски граѓани во Германија, кои имаат пасоши со старото уставно име, ќе можат без проблем да отидат во Унгарија и во Чешка, но не и да излезат повторно од Македонија, ако се вратат во државава, како пример за оние кои се затекнати со пасошите со „Република Македонија“ во странство.