На 22 и 23 февруари, од 20 часот, во Кинотеката ќе биде прикажан долгометражниот музички документарен филм „Перо Ловшин – Ти можеш“, кој ја раскажува приказната на Перо Ловшин, еден од првите панк-рокери во Источна Европа. Гостин на проекциите ќе биде токму Перо Ловшин. Тој, како лидер на „Панкрти“, со текстовите и активизмот обележил цел еден период од историјата на Словенија.
Настанот е во организација на Словенечкиот центар во Скопје и на Кинотеката, по повод Прешерновиот ден.
Режијата на филмот е на Јани Север, кој е и автор на сценариото заедно со Стојан Пелко. Улогите во филмот ги толкуваат: Ловшин, „Биг фут мама“, „Присмојени професори блуза“.
Филмот го опфаќа периодот на анархизмот и бунтовноста на 1970-тите години, независноста на Словенија, демонстрациите во центарот на Љубљана, сè до учеството на УЕФА Евро 2000 во Амстердам.
„Панкрти“, формирани во 1977 година, во мала населба во околината на Љубљана, се најверојатно првиот панкрок-бенд во тогашниот источен блок, зад железната завеса. На самиот почеток свиреле преработки од етаблирани панк и рок-групи како „Секс пистолс“, „Клеш“, „Њујорк долс“. Тие биле дел од сега веќе легендарната компилација „Нови палн вал“.
Во 1980 година го објавуваат својот прв долгосвиречки проект, винил-албумот „Dolgcajt“. Препознаени по ангажираните социјално-политички текстови и коментари, „Панкрти“ стануваат култен бенд на територијата на некогашна Југославија. Нивниот втор албум „Državni ljubimci“ доживеа одличен одѕив меѓу критиката и публиката и беше прогласен за југословенски албум на годината.
Во 1996 година настапуваат како предгрупа на нивните идоли „Секс пистолс“, во рамките на настапите низ Словенија. Застапени се и во фалениот рок-документарец „Среќно дете“, во продукција на Рајко Грлиќ.