Со организирање отворени денови на средните стручни училишта во Охрид, Струга и Кичево денеска продолжи реализацијата на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која втора година по ред Министерството за образование и наука ја спроведува со поддршка од Швајцарската амбасада и проектот „Образование за вработување“, со цел унапредување на квалитетот на средното стручно образование.
Како што соопшти Министерството за образование и наука, министерот Јетон Шаќири истакна дека со презентирањето на предностите и придобивките од средното стручно образование пред младите од Охрид, Струга и Кичево, полуматурантите ги информираат за сите новини кои од учебната 2022-2023 година ќе ги понудат средните стручни училишта, а кои се резултат на дијалогот што МОН го спроведува со општините, училиштата и бизнис заедницата.
-Ги информираме каде има нови наставни програми, нови дуални паралелки, кои компании се вклучуваат во практичната подготовка на учениците, но и ја подигнуваме свеста дека овој тип на образование нуди поголеми можности за нивен личен успех – рече Шаќири.
Потсети дека до крајот на овој месец ќе се заокружи планот за реализација на 16 промотивни настани и секаде, како што рече, во секој град ќе биде испратена истата порака – младите да се фокусираат на средно стручно образование, затоа што токму во таа област е иднината.
-Општеството се соочува со дефицит на стручен кадар, има многу слободни места за кои се бараат стручни квалификации. Така што, стручното образование обезбедува поголема веројатност за брз и успешен настап на пазарот на трудот, за побрзо финансиско осамостојување на младите и економска стабилност. Воедно, обезбедува и добра основа за секој кој сака академски да се надградува – рече Шаќири.
Министерот упати благодарност до сите учесници во кампањата „Учи паметно, работи стручно“, нагласувајќи дека преку инклузивен пристап се остварени одлични резултати.
-За само година и половина, од 11 дуални паралелки стигнавме до 97 во соработка со 200 компании во моментов, а од идната учебна 2022/2023 година отвораме 223 дуални паралелки во соработка со 450 компании кои практично ќе ги обучуваат учениците директно во производствените и организациските процеси. Така што, се надевам дека оваа кампања ќе продолжи и во следните години, сé додека дава придонес кон усогласувањето на образовните политики со политиките за вработување и за пополнување на слободните места на пазарот на трудот, нагласи Шаќири.
Заедно со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, министерот Шаќири ги посети средните училишта „Св. Наум Охридски“ и „Ванчо Питошевски“, додека со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко го посети средното стручно училиште „Нико Нестор“.
Заменик-министерот Лулзим Алиу, пак, заедно со кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари ги посети средните стручни училишта „Мирко Милевски“ и „Дрита“, каде што рече дека МОН ќе продолжи да обезбедува финансиска поддршка во форма на стипендии за учениците кои избираат да се запишат во дуални паралелки, посочувајќи дека тоа е одлична стимулација и можност за стекнување лични приходи за време на школувањето на младите.