Фото: МОН

Земајќи ги предвид случувањата во соседна Србија, а со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, на Владата на Северна Македонија и безбедносните органи ќе им предложам итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, кои што во голема мера се потхрануваат од одредени социјални мрежи, како ТикТок, информира министерот за образование и наука Јетон Шаќири преку соопштение.

Имајќи предвид дека тие социјални мрежи не треба да се користат во училишна средина, додава министерот, МОН веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, како тие ризици би се минимизирале, а нивната употреба да се ограничи или целосно да се оневозможи.

-Ги повикувам сите наставници, како и родители, на поотворен дијалог, надминување на шокот и неверувањето, промоцијата на разбирањето и позитивните согледувања, со цел да се помогне на своето дете, како и на децата околу нас, бидејќи тие се најзагрозената категорија во моментот – посочува Шаќири.

Веќе во консултација со експертската заедница од повеќе институции и факултети, дополнува, ќе се зајакнат дополнително превентивните програми за борба против булингот, промоција на ненасилството и дијалогот, како клучни елементи за образование и развој на нашите ученици.