Фото: ТАВ Македонија

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид доби модернизиран патнички терминал со инвестиција од 2,7 милиони евра. Реконструкцијата опфати зголемување на бројот на шалтери, проширување на просторот за пријавување на патници, унапредување на зоните за безбедносна контрола и рачен багаж, реорганизација на паркингот, како и поставување современа опрема и технологии за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците, пренесе МИА.

Модернизираниот дел од аеродромот денеска беше пуштен во употреба, а премиерот Христијан Мицкоски оцени дека со реализираните активности значително е подобрен квалитетот на услугите.

Мицкоски очекува во периодот што следи да продолжи растот на бројот на патници и авиокомпании што го користат охридскиот аеродром. Тој посочи дека годинава се бележат рекордни резултати, меѓу кои и ден со повеќе од 3.000 патници, како и денови со над 20 полетувања.

-Убеден сум дека во периодот што претстои, со сите градежни активности и поддршката што ја даваме како Влада, овие бројки ќе се дуплираат, ќе се триплираат и ќе дојдеме до бројки што претставуваат наш нов таргет – рече Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека по реализацијата на проектот Охрид добива практично нов аеродром, со модернизирана терминална зграда и помошни простории, што, според него, ќе овозможат значително подобро искуство за патниците.

Николоски потсети дека последните големи интервенции на аеродромот биле реализирани во 1970 година. Тој нагласи дека сегашните резултати на македонските аеродроми ги надминуваат очекувањата и поставуваат нови рекорди.

Според него, охридскиот аеродром од јануари до јуни годинава опслужил повеќе од 240.000 патници, додека двата македонски аеродрома до крајот на годината се очекува заедно да се приближат до бројката од четири милиони патници.

Николоски се осврна и на инфраструктурното поврзување на аеродромот, посочувајќи дека интензивно се работи на автопатот Охрид–Кичево. Делницата до аеродромот е завршена, а најтешката делница, според најавите, треба да биде отворена во наредните месеци.

-Очекувам во текот на првото полугодие од следната година да се отвори целиот автопат, а секако продолжуваме и со работа на останатите делници што треба да значат поврзување и со Скопје и со скопскиот аеродром – најави Николоски.

Извршниот директор на „ТАВ Македонија“, Серкан Каптан, истакна дека компанијата инвестирала 2,7 милиони евра во унапредување на инфраструктурата и подобрување на искуството на патниците, партнерите и вработените.

Проектот е реализиран без прекин на редовното работење на аеродромот.

Каптан посочи дека досега во македонските аеродроми се инвестирани речиси 300 милиони евра. Според него, во изминатиот период поврзаноста и годишниот воздушен сообраќај се зголемени повеќе од четирипати.

Тој нагласи дека македонските аеродроми во 2026 година се меѓу најбрзорастечките аеродроми во Европа, со раст од речиси 30 проценти во однос на претходната година. Охридскиот аеродром, пак, го забележал најуспешниот јули во својата историја, со нови рекорди и во бројот на патници и во бројот на реализирани летови.