Фото: Министерство за здравство

На Универзитетската клиника за хематологија во Скопје, се реализира несекојдневен чин на храброст и човекољубие – млад семеен лекар донираше хематопоетски матични клетки, со што ќе спаси живот на пациент, кој се соочува со тешка малигна хематолошка болест, а трансплантацијата на матичните клетки е единствената терапевтска опција. За ова попладнево информираа од Министерството за здравство.

Министерот Фатмир Меџити денеска ја посетил донорката на матични клетки – млада девојка, воедно и докторка и ѝ се заблагодарил за извонредната храброст и за несебичната посветеност да спаси туѓ живот.

– Нејзиниот чин на хуманост и солидарност е надеж, потсетувајќи нè на моќта на заедницата и љубезноста во моментите кога тоа е најпотребно. Им честитам и на колегите од Клиниката за хематологија, кои ја практикуваат оваа современа метода во медицината, со која еден човек има шанса за нов почеток – се наведува во писмената изјава на министерот.

Директорката на клиниката за хематологија, Ирина Пановска Ставридис изјавила дека станува збор за редок пример, донорот на матични клетки и пациентот кој треба да ги прими, не биле во роднинска врска, ниту се познавале, а нивните клетки се совпаѓаат.

– Денешниот чин на докторката е уште еден чекор до задоволството да се биде лекар и да се спасуваат животите на луѓето. Младата докторка која е донор на матичните клетки, во Македонскиот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина при Институтот за имунологија и хумана генетика, се пријавила уште кога била студент по медицина, а минатиот месец беше идентификувана како евентуален донор. Не се двоумеше ниту миг, веднаш се согласи да му даде шанса за живот на пациент кој не го познава, а боледува од акутна леукемија, се истакнува во пишаната изјава на Пановска Ставридис.